„Епл“ блиску до 3.000 милијарди долари, вреди повеќе од целиот германски пазар на капитал


Американската компанија „Епл“ Apple е на чекор да биде првата во светот која достигна пазарна вредност од 3.000 милијарди американски долари, што би го направило овој технолошки гигант повреден од германскиот пазар на капитал или од целата британска економија.

Овој развој се случува само една година откако „Епл“ достигна пазарна капитализација од два блиони долари, и откако претходно, во 2018 година, ја надмина магичната линија од 1.000 милијарди, пренесува агенцијата Bloomberg.
Акциите на компанијата се затворија на 175,08 долари на Волстрит во средата. „Епл“ треба да достигне цена од 182,85 долари по акција, за да ја достигне посакуваната пазарна вредност од три билиони долари.

Досега оваа година, акциите на „Епл“ пораснаа за речиси 30 отсто, по големиот пораст од 80 отсто минатата година. Ривалските компании, како „Мајкрософт“, „Амазон“, „Алфабет“ и „Тесла“, забележаа пораст на вредноста меѓу 10 и 70 отсто.

„Тоа е феноменално достигнување и ја нагласува неверојатната доминација на американските технолошки компании“, вели Крег Ерлам, висок пазарен аналитичар во Оанда. „И има уште многу што да очекуваме од ‘Епл’ што ве тера да се прашувате која пресвртница ќе ја поминат следната година и колку големи можат да станат“.

„Епл“ стана највредниот бизнис во светот благодарение на постојаниот прилив на производи што ги воодушевија потрошувачите. Сега, кога пазарите се колебаат поради загриженоста дека повисоките каматни стапки и коронавирусот ќе го поткопа економскиот раст, инвеститорите ја гледаат компанијата како релативно безбедно место за „паркирање“ на своите пари благодарение на нејзиниот постојан раст на продажбата и големиот готовински биланс.

Од крајот на 1990-тите, акциите на „Епл“ вратија неверојатни 22.000 отсто, еднакво на околу 28 отсто годишно. S&P 500 имаше раст од 7,5 отсто на годишно ниво во истиот период. Неколку други технолошки акции постигнаа подобри резултати – Nvidia Corp., производител на чипови за обработка на графика, имаше раст од 31 отсто годишно, додека стриминг гигантот Netflix Inc. се зголемува за 39 отсто годишно од неговата иницијална јавна понуда во 2002 година – но и двете се „џуџиња“ во споредба со „Епл“.