ЕП одобри олеснување на мерките за јаглерод-диоксид за новите автомобили


Европскиот парламент одобри олеснување на мерките за испуштањето јаглерод-диоксид за новите автомобили и комбиња во Европската Унија, со што им обезбеди дополнителна флексибилност на автопроизводителите при префрлањето кон електрични возила.

Новото правило, усвоено со 458 гласа „за“, 101 „против“ и 14 воздржани, им овозможува на европските производители да го пресметаат просечното испуштање штетни материи во овие три години – од 2025 до 2027 година, наместо само врз основа на податоците од 2025 година, како што беше првично планирано. Според овие правила, производителите можат да компензираат за секое надминување на емисиите за една година со подобри резултати за друга година во оваа тригодишна рамка.

Европската комисија претходно го предложи олабавувањето за да се избегнат колективните казни до 15 милијарди евра за производителите коишто не ги исполниле целите за штетни гасови во 2025 година.

Оваа промена на правилата претставува обид на ЕУ за рамнотежа меѓу амбициозните климатски цели со реалноста на пазарот на автомобили. Еколошките групи се загрижени дека ова олеснување на барањата би можело да го забави преодот кон електрични возила и да доведе до намалени инвестиции во инфраструктурата за нивно полнење, што според нив, ќе ги загрози климатските цели на ЕУ.