ЕП ќе гласа за договорот за буџетот на ЕУ до 2027 година
Белгија– Европскиот парламент денеска ќе расправа за договорот постигнат од Европскиот совет за буџетот на ЕУ до 2027 година, според агендата на последниот состанок на европратениците за оваа година.
Буџетот и условите за негово распределување се очекува да бидат изгласани в среда.
ЕП утре ќе гласа за обезбедување 47,5 милијарди евра за регионите на ЕУ за справување со влијанието на пандемијата. Исто така утре, европратениците ќе разговараат за последните случувања во земјите од Источното партнерство (Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија, Украина).
В среда, ЕП ќе разговара за односите на ЕУ со Турција во светло на одлуката на Европскиот совет за продолжување на санкциите против Анкара во врска со нејзините активности во Источен Медитеран.
Истиот ден, претставниците на опозицијата во Белорусија ќе ја добијат наградата на ЕП, Сахаров за слобода на мислата.
В петок, европратениците ќе се запознаат со најновите информации за преговорите ЕУ-Лондон за трговски договор.