„Емирати“ направи успешен лет на одржливо воздухопловно гориво
Авиокомпанијата „Емирати“ изврши успешен пробен лет на Боинг 777 движен со одржливо воздухопловно гориво, објави компанијата претходно оваа недела. Главниот оперативен директор на „Емирати“, Адел Ал Реда, го опиша летот како „пресвртница“, објави француската новинска агенција АФП.
Авиокомпанијата со седиште во Дубаи користи одржливо воздухопловно гориво (SAF) од 2017 година, но овој пробен лет беше прв на Блискиот Исток и Северна Африка при што еден од двата мотори на авионот целосно работеше на одржливо воздухопловно гориво, соопшти „Емирати“.
За придвижување на вториот мотор се користеше конвенционално воздухопловно гориво.
Во моментов, максимум 50 проценти SAF измешан со керозин може да се користи во комерцијални млазни мотори. Одржливото млазно гориво се произведува од одржлива биомаса, рециклирани прехранбени масла и јаглерод диоксид или зелен водород претворени во синтетички горива, наведува АФП.
„Ако до 2030 година добиваме 50 отсто од нашето гориво од одржливо авионско гориво, тоа ќе биде многу добро достигнување“, изјави Ал Реда за АФП. Но, тоа ќе зависи од способноста на компаниите да го произведуваат и испорачуваат, како и да го понудат по прифатлива цена, додаде тој.
Авионот на „Емирати“ полета од меѓународниот аеродром во Дубаи на пробен лет во понеделникот и леташе над крајбрежјето повеќе од еден час, објасни компанијата.
Одржливите горива за авијација може да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за 80 проценти во текот на целиот животен циклус. Сепак, тие во моментов претставуваат помалку од 0,1 отсто од употребеното воздухопловно гориво и се два до четири пати поскапи, истакнува АФП.