Елитата на ревијата на Кокев: Модна писта како зимска бајка (галерија)
Синоќа, тоа беше гала-настан каде фотографиите повеќе кажуваа од зборовите
Кокев е чудо од жена и дизајнер, која со својата харизма ги исполнува своите соништа и на модната писта и во приватниот живот. Кога е зад сцената, е грижлива мајка и дама која често патува во Италија. Кога промовира колекција или отвара нов продажен простор, е невидена бизнисменка со претприемачки дух и со неверојатни контакти, лојални пријатели и славни и анонимни фанови која секоја сезона дотерани и во прв ред и одаваат почит со своето присуство, во облакот на луксузот и парфемите.
Синоќа, инспиративниот простор Fames во Скопје, беше модна оаза, со впечатлива сценографија претворена во зимска бајка каде јавето се мешаше со сон, со убави млади манекенки, со перфектни модни детали, шминка и фризура.
Синоќа, тоа беше гала-настан каде фотографиите повеќе кажуваа од зборовите.
Кокев, на ревија, „режирана“ како театарска претстава, со шума, снег, бели топки, со интересни светла и драматична музика, со својата енергичност и визија, пак ги собра кај себе познатите дами од сите сфери на живеење и понекој господин, кои дочекани со шампањско, уживаа во модните парчиња и во муабетите кој, како, зашто и каде. И дојдоа бизнисменки, политичарки, од сегашната и претходната власт, манекенки, докторки, архитектки… И сопругата на премиерот, Елена Ковачевска.
Дизајнерката вели „Асоцијацијата за овој период од годината често е зимско сивило, ладно, непријатно… Па затоа сакав да придонесам низ креациите да ја обојам зимата, со форма и со боја да обликувам поинакво расположение.“
Новата колекција есен / зима 2023-24, навистина носи свежина и од аспект на крој и со палетата на бои. Пастелните бои носат нежност, додека бордо бојата служи како акцент, а целокупната колекција има и доста црно бели креации, кои носат во себе суптилен француски шик. Кокев овој пат освен со препознатливите елегантни креации, исто така изненади со невообичаени кроеви, каде навидум класичниот дизајн е збогатен со детаљ, кој на креацијата и дава сосема нов момент.
Ревијата беше во соработка со IQOS ILUMA – најновото портфолио на иновативните и технолошки најнапредните уреди за загревање што не создаваат чад од тутун, туку аеросол кој содржи 95 отсто помалку штетни материи, претставени на македонскиот пазар од компанијата „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“. Хармоничниот спој на боите на двата бренда ја одбележаа вечерта.
Креациите на брендот Кокев од денес, 03.12, се достапни во новоотворената продавница во Ист гејт мол.