Берлинскиот филмски фестивал ја најави светската премиера на спектаклот наречен „David Bowie „Stage“
Организаторите на Берлинскиот филмски фестивал ја најавија светската премиера на импресивниот концертен спектакл наречен „David Bowie „Stage“ за средината на февруари, уникатен проект базиран на новооткриени и реставрирани снимки од светската турнеја на англиската поп-икона „Isolar II“ од 1978 година.
„Комбинирајќи претходно необјавени снимки од концертот на Дејвид Боуви и импресивно звучно и светлосно искуство од наградуван тим, уникатниот проект нуди нов начин да се доживее еден од највлијателните музички уметници на 20 век“,изјавија организаторите.
Продукцијата е базирана на новооткриени и реставрирани снимки од светската турнеја на Боуви „Isolar II“ во 1978 година, кога тој изведуваше песни од неговиот албум „Heroes“, снимени во Берлин.
Материјалот ги прикажува Боуви и неговиот придружен бенд на концерти во лондонскиот Ерлс Корт, каде што изведуваат легендарни хитови како што се „Heroes“, „Ziggy Stardust“, „Rebel Rebel“, „Fame“ и песни од култните албуми „Low“ и „Heroes“, создадени во Берлин.
Наместо класичен филм, посетителите ќе го доживеат концертот преку три огромни екрани и транспарентни ЛЕД екрани кои создаваат илузија дека Боуви е физички на сцената со врвна 7.1 конфигурација, повеќеканален аудио систем што користи 7 главни звучници и еден сабвуфер за да создаде чувство на простор и звук. Целта е гледачот да се стави во центарот на „живиот“ концерт на Боуви.
Оригиналната филмска лента ја пронајде познатиот режисер Брет Морген за време на истражувањето за неговиот признат документарец за Боуви од 2022 година, „Moonage Daydream“. Снимките останаа недопрени во архивите речиси 50 години.
Берлин е градот што го обележа животот и креативноста на Боуви. Музичарот се пресели во тогаш поделениот град во 1976 година за да избега од разни лични проблеми, вклучително и закрепнување од дрога. Некои од неговите најпознати музички дела се создадени таму.
Берлиналето ќе се одржи од 10 до 21 февруари 2027 година.