Електронски ќе се следат вложувањата во регионалниот развој, точно ќе се знае кој регион колку добил и за што ги потрошил


Вложувањата во регионалниот развој ќе се следат електронски. Точно ќе се знае кој регион колку средства добил од државниот Буџет, за што и како ги потрошил.

Во тек е креирањето на електронскиот систем СиРеРа, со швајцарска поддршка, а за неговото воспоставување е задолжен Кабинетот на вицепремиерката Мила Царовска.

-Преку мојот Кабинет се воспоставува електронски систем во кој вложувањата во рамномерниот регионален развој кои се одвојуваат во сите области каде државата финансира на локално ниво, ќе се собираат на едно место. Програмите ќе се прават по еднакви стандарди и на тој начин, кога ќе се креира буџетот за 2021 година ќе можеме детално да видиме во кој регион колку се вложило, во која област, рече Царовска по седницата на Управниот одбор на Проектот за изработка и воведување систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа).

Со години некои региони биле по запоставени, оцени Царовска, одговорајќи на новинарско прашање. Тоа може да се види јасно од вложувањето, но и од развојот на институциите.

-Се уште има општини во кои нема реновирани училишта, во кои нема воопшто градинки, немало амбуланти. Тоа укажува дека имало послабо планирање инвестиции во дадени региони. Но, со овој начин на прибирање податоци и директно, сликовито прикажување каде е вложувано, колку и што планирате за идната година, ќе се добие можност на транспарентен начин која и да е влада да го прикаже вложувањето во регионите, но и следењето низ години. Сега не можете да се вратите десетина години наназад и да видите колку е вложено во кој регион во секоја област, образование, социјална заштита, детска заштита, земјоделство, локална самоуправа,…Треба да одите пешки, да собирате податоци низ Трезор за да стигнете до сумите. Сега, со еден клик, ќе добиете информација и ќе може да се следи, медиумите и граѓаните да знаат колку се вложува и во кој регион, подвлече Царовска.

Според неа, државата првпат добива јасна слика за вложувањето во регионалниот развој и има можност сите програми да ги адаптира на потребите – онаму каде што најмалку се вложувало, сега да се вложува повеќе со цел сите граѓани и деца да добијат еднаков пристап и до услуги и до развиени региони.

– Првпат ќе имаме можност како држава врз основа на податоци да донесуваме одлуки колкав буџет ќе се издвои, во која област и како ќе се троши преку центрите за регионален развој. Ако се вложува подеднакво во целата држава, ќе има можност сите региони да добијат еднакво, да ги развијат своите капацитети и да го остварат оној потенцијал што го имаат, нагласи Царовска.

Вицепремиерката подвлече дека оваа стартна позиција што сега е проект, ќе треба понатаму да се раководи преку институциите и да даде јасна слика кој регион е повеќе, а кој помалку развиен.

На седницата на Управниот одбор на Проектот присуствуваа и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.

Милевски напомена дека се работи за проект вреден пет милиони швајцарски франци од кои 3,3 милиони се швајцарска донација, а останатите се средства обезбедени од македонската Влада. Генерално, поддршката е за планските региони и центрите на планските региони со иновативни проекти, но можно е и пренасочување на средствата зависно од потребите на граѓаните.

– Генерално ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони со иновативни проекти. Во изминативе две години навистина се направија проекти коишто беа во интерес на граѓаните меѓутоа со Швајцарците не застанавме само тука. Навистина сме флексибилни и оваа година тие помогнаа во изградбата на монтажната болница којашто е пред Инфективна клиника, во износ од 260 илјади швајцарски франци. Во зависност од потребите и барањата има флексибилност и помагаме она што е во моментот многу важно. Со она што е останато како заштеда или нереализирани проекти, денеска разговараме да финансираме и други проекти, на пример, да ги подобриме условите на учениците во едно село во општина Долнени, кадешто навистина се под стандарди. Денеска се договоривме да се реновира тоа училиште и се разбира сите други проекти коишто ќе ги дофинансираме до крајот на август и ќе донесеме заедничка одлука, рече Милевски.