Експлозија во познат швајцарски ски-центар, најмалку 10 лица загинале


Неколку лица загинаа, а неколку други се повредени во експлозија и пожар што избувнаа ноќта во бар во познатиот швајцарски ски-центар Кран-Монтана, потврди полицијата. Експлозијата се случила околу 1:30 часот по локално време во барот Le Constellation, а причината сè уште не е позната, објавува Би-Би-Си.

Во изјава за медиумите, полицијата потврди дека експлозијата се случила додека во барот се славела Новата година.

Швајцарската полиција изјави за Скај њуз дека најмалку 10 лица починале, а 10 други се повредени во експлозијата.

Полицијата, исто така, потврди дека инцидентот не се третира како терористички напад.

Лекар од швајцарската служба за брза помош и спасување изјави за националниот радиодифузер РТС дека болниците се преполни со пациенти со изгореници.

Повеќе од 100 лица биле во швајцарскиот бар во времето на експлозијата, објави швајцарската радио станица Rhone FM.

Сведок на инцидентот изјави за радиото дека голем број екипи за итни случаи пристигнале на местото на настанот, а неколку хеликоптери биле вклучени во  транспортот на повредените.

„Имаше експлозија од непознато потекло“, изјави за АФП портпаролот на кантоналната полиција, Гаетан Латион. „Имаше неколку повредени и неколку мртви“, додаде тој.

На социјалните мрежи циркулираат видеа на кои се гледа пожарот на локацијата. Властите, исто така, поставија телефонска линија за помош на семејствата погодени од несреќата.