Експерт од Италија одржа специјализирана обука за млади едриличари и судии во Охрид

Во периодот од 1-ви до 4-ти мај, Охрид беше домаќин на Луиџи Бертини, еден од најреномираните светски судии и тренери во едриличарскиот спорт. Неговата посета се реализираше на покана на Едриличарската Федерација на Северна Македонија, во рамки на иницијатива за унапредување на квалитетот и стручноста на судиите и натпреварувачите во овој спорт.
Бертини, кој е актуелен советник на Швајцарскиот олимписки едриличарски тим и поранешен советник на Италијанскиот Олимписки Комитет, одржа интензивни обуки за идни судии на регати, како и директни тренинзи со млади едриличари од повеќе клубови низ земјава.
„Едрењето во Северна Македонија полека го враќа својот сјај. Соработката со врвни професионалци како Луиџи Бертини претставува голем чекор напред. Неговата експертиза директно придонесе за зајакнување на судискиот кадар, а организиравме и регата во класите Оптимист и ИЛКА 4, каде што новостекнатите знаења беа применети во пракса,“ изјави Стефан Ставрев, претседател на Едриличарската Федерација на Северна Македонија.
Покрај судиските обуки, Бертини одржа и посебна сесија со млади натпреварувачи, при што сподели современи едриличарски техники, меѓународни искуства и совети за мотивација и континуирано усовршување.
„Посветеноста и потенцијалот на младите едриличари од Македонија се навистина впечатливи. Охридското Езеро нуди извонредни услови за развој на едрењето и со задоволство ќе продолжам да соработувам со федерацијата на идни проекти“ истакна Бертини по завршувањето на неговата посета.
Едриличарската Федерација на Северна Македонија ја изрази својата благодарност до Бертини за неговиот исклучителен придонес и ја потврди намерата за продолжување на оваа соработка преку конкретни програми.