Ексклузивна изложба: Златниот човек на Казахстан доаѓа во Скопје
Златниот човек од 5 век п.н.е. познат како „казахстански Тутанкамон“ ќе биде претставен во Археолошкиот музеј во Скопје од 11 јули до 11 август. Најпознатиот и најзначаен археолошки пронајдок од Казахстан е идентификуван од научниците како 18-годишен воин на Сака – племе од азискиот народ Скити кои во минатото владееле со пространите казахстански степи.
Оттука е и насловот на гостинската изложба од Националниот музеј на Република Казахстан – „Великата степа: историја и култура“ која покрај Златниот човек ќе прикаже 189 ексклузивни предмети – накит, воена и коњичка опрема, традиционални ракотворби…
–Оваа изложба ќе раскаже дека иднината е невозможна без да се погледне во минатото. Посветена е на античката историја на Казахстан и се одржува во рамки на меѓународниот проект „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот”. Скопје е деветтиот град во кој ќе биде прикажана, а посетителите ќе го видат единственото историско наследство на Големиот степски појас на Евроазија. Главниот експонат на изложбата е воинот на Саките или, како што понекогаш го нарекуваат – „казахстанскиот Тутанкамон”, во полна опрема, вели директорот на Казахстанскиот музеј Алмаз Шајкенович Нуразхан.
Бил откриен во 1969 година кога казахстанските археолози, предводени од Кемал Акишев, копале во огромeн тумул (насип) на локалитетот Исик, 50 километри источно од градот Алмати, во близина на голем комплекс од тумули – 45 земјени пирамиди на растојание од три километри. И покрај импозантноста на соседните погребувања високи до 15 метри, самиот Исик не се издвојувал со ништо, поради неговата висина од само 6,5 метри.
-Како и другите гробници под могили, Исик бил ограбен во античко време. За среќа на науката, ограбувачите не го забележале страничниот, не толку значаен гроб, во кој лежеле остатоци од човекот, кои сега во светската наука се внесени под името „Златниот човек на Исик”, раскажува директорот на Националниот музеј на Казахстан.
Златниот човек е најголемата атракција на овој музеј кој се наоѓа во главниот град Нур-Султан. Телото му е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека нему му припаѓале и златните обетки и прстени пронајдени во гробот.
Во 1947 година археолозите почнале со ископување на курганите на Алтајските Планини – на оние места каде што според Херодот талкале племињата Саки.
-Резултатите од овие ископувања беа навистина сензационални. Слојот пермафроза буквално ги сочувал во првобитната состојба не само облеката, туку и телата на погребаните. По илјадници години истражувачите можеле да ја проучат дури и тетоважата на погребаниот благороден воин, која била многу ретка во својата софистицираност и изработена целосно во животинскиот стил на скитската уметност, истакнува Нуразхан.
Златниот човек во рамки на изложбата „Великата степа: историја и култура“ досега гостувал во Минск, Москва, Баку, Сиан, Гдањск, Сеул, Казан и Ташкент. До крајот на следната година проектот ќе ги опфати Источна и Југоисточна Азија, Европа и САД.
Посебно место на оваа изложба има и сребрената чаша со рунски натпис, древен споменик на писменоста. Натписот сè уште не е целосно дешифриран.
-Во секој случај, не постои сомнеж дека во 4 век п.н.е. веќе постоело пишување во Великата степа. Овие наоди од Исик им овозможиле на научниците нова гледна точка на античката историја на нашата земја и да го откријат богатиот свет на луѓето кои живееле на територијата на денешен Казахстан, вели Нуразхан, откривајќи ни дел од она што македонската јавност наскоро ќе може да го види во Археолошкиот музеј во Скопје. Додава дека благодарение на напорите на неговите колеги, изложбата добива пофалби не само поради уникатноста на археолошката содржина, туку и за начинот на конципирањето.
Влезот за посетители на едномесечната изложба „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот“ ќе биде бесплатен, соопшти Археолошкиот музеј, каде што паралелно со оваа ќе може да се посети и сè уште отворената ексклузивна изложба „100 години Требениште“.