Екс министерот Бајрами сите пари потрошени за репрезентација ги врати на државата
Наим Бајрами, министер во МИОА од Алијансата за Албанците во претходната влада на СДСМ ги врати сите пари што ги потрошил за репрезентација додека беше на оваа функција, како одговор на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека „немилосрдно трошел државни пари“.
Како што обвини пратеникот Бране Петрушевски на прес конференција, Бајрами ги трошел народните пари во скапи кафеани, за јадење и пиење.
„Само за само еден ден Наим Бајрами потрошил 48.500 денари во ресторанот „Капри“ во Скопје. На сметката од 48.500 денари, Бајрами, покрај за други јадења, потрошил над 10 илјади денари за пршута“, изјави Петрушевски, прашувајќи со кого се гоштавал Бајрами и како се трошени народните пари, кога за еден ручек се трошени по две минимални плати.
– Бајрами во кафеана, за два часа, трошел пари колку што му се потребни на едно просечно семејство за да го помине цел месец. Аздисаното трошење на СДС и на ДУИ и на нивните министри, како Наим Бајрами, резултираше со ограбена држава. Власта на СДС и ДУИ крадела на сè, почнувајќи од скапи ручеци и илјадници евра од службените картички, завршувајќи со матни тендери. За ограбената држава, одговорност ќе има! Утре продолжуваме со нови детали за случајот со Наим Бајрами“, се закани Петрушевски.
Но, одговорот од Бајрами експресно стигна и ја отвори дилемата дали сега министрите во владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот ќе ги враќаат парите потрошени за репрезентација во изминатиот месец, а особено тие што ги потрошија на патувањето во Вашингтон со бизнис класа.
Имено, откако Петрушевски го обвини екс-министерот дека го оштетил буџетот за 200 илјади денари за репрезентации, поранешниот министер направи потег без преседан – ги уплати сите пари потрошени за репрезентација назад во државниот буџет. Бајрами тврди дека не потрошил ни денар за себе и дека тие пари биле потрошени за репрезентација при пречек на делегации и колеги министри од соседството и светот.