Економските штети од климатските промени може да ја чинат Македонија 4 отсто од БДП, вели Светска банка

Северна Македонија се соочува со сериозни последици од климатските промени и има потреба од големи инвестиции за заштита на луѓето и економијата од 6,4 милијарди американски долари во следната деценија


Северна Македонија би можела да се соочи со економски штети до 4 проценти од бруто домашниот производ (БДП) до 2050 година, поради влијанието на климатските промени, се вели во новиот Извештај за климатски промени и развој на земјата (CCDR) на Светската банка, кој денес беше објавен во Скопје.

Според извештајот, Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди американски долари во следната деценија за ефикасна заштита на луѓето и имотот од последиците на климатските промени.

Со минато обележанo од разорни поплави и екстремни временски настани како поројни дождови и топлотни бранови, кои предизвикаа загуби од 667 милиони американски долари во последните 20 години, климатските предизвици на Северна Македонија само растат.

„Природните непогоди несразмерно ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми страдаат од суши и град поради недоволно наводнување, заштита од град и осигурување,“ изјави Масимилијано Паолучи, директор на Светската банка за Косово и Северна Македонија.

Покрај инвестициите во адаптација кон климатските промени, Северна Македонија треба да ја забрза енергетската транзиција за да постигне нето нула емисии до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија.

Според извештајот, транзицијата кон напуштање на фосилните горива може да ја зајакне енергетската сигурност преку поттикнување на пофлексибилен и модерен енергетски систем. Оваа промена, исто така, може да донесе значителни подобрувања во здравјето и економските резултати на долг рок, главно преку подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на оперативните трошоци на енергетскиот систем.

„Постигнувањето на нето нула емисии до 2050 година е остварливо за Северна Македонија, но ќе бара значително зголемување на инвестициите,“ изјави Николас Маркиер, регионален менаџер на ИФЦ за Западен Балкан. „Мобилизирањето на приватниот капитал ќе биде клучно за забрзување на зелената транзиција и поттикнување на одржлив економски раст на долг рок.“

Овие инвестиции опфаќаат изградба на 6,9GW капацитети за обновлива енергија, електрификација на клучните сектори како транспортот – каде се очекува 90% од патничките возила да бидат електрични до 2050 година, и зголемување на енергетската ефикасност за годишна заштеда од 36% топлинска енергија.

Фискалната политика е клучна за забрзување на транзицијата кон позелена економија. Прегледот на јавните финансии за климатските промени во Северна Македонија, презентиран денес заедно со CCDR, подвлекува дека даночните политики може да поттикнат обновлива енергија, зелен транспорт и одржливи технологии со укинување на субвенциите за електрична енергија од јаглен, и истовремено да помогнат да се заштитат ранливите домаќинства од зголемените енергетски трошоци. Климатското означување на буџетот и зелените јавни набавки можат да помогнат во следењето на зелените финансии и засилување на зелената потрошувачка.

Прегледот на јавните финансии за климатските промени, исто така, ја нагласува итноста од воведување на цена на јаглеродот за намалување на емисиите на стакленички гасови и генерирање значителни приходи за државата, потенцијално до 730 милиони евра годишно, кои може да се искористат за потребни инвестиции во ублажување на последиците и адаптација, како и за праведна транзиција.

„Приходите од цените на јаглеродот би можеле да ги поддржат домаќинствата и бизнисите за време на зелената транзиција, истовремено обезбедувајќи и други придобивки како подобрен квалитет на воздухот и здравјето во Северна Македонија,“ изјави Сања Маџаревиќ- Шујстер, виша економистка во Светска банка и главна авторка на извештајот.