Еколошкото здружение Здрава котлина поднесе кривична против градоначалникот на Ново Село


На 1 април годинава, еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, поради сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес.

Пријавата се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници.

Оваа постапка е ветена од здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување на јавни услуги. Ниту еден избран функционер не е над законот — и ова треба да биде пример за сите, велат од таму

Во процесот на обезбедување на докази биле откриени нови индиции за дополнителни незаконски дејствија. Во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации, додаваат од Здрава котлина.

Бараат вонредна и целосна државна ревизија на работењето на општина Ново Село — со посебен акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет;
Поддршка за граѓаните кои се подложени на притисоци и нарушување на нивните права од страна на градоначалникот како носител на јавна функција и неговиот татко како соучесник во извршените нелегални дејства;

Расветлување на злоупотребите што ги трпат сите кои не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување.

Пријавата е поднесена до Републичко, основни и виши јавни обвинителства (Скопје, Струмица, Штип), Сектор за економски криминал и корупција при МВР, Управа за финансиска полиција и финансиско разузнавање, Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Државен завод за ревизија (ДЗР).

Сметаат дека има сериозни индиции за следниве кривични дела:

  • Злоупотреба на службена положба (чл. 353)
  • Фалсификување службена исправа (чл. 361)
  • Компјутерски фалсификат (чл. 379-а)
  • Употреба на исправа со невистинита содржина (чл. 380)
  • Примање награда за противзаконито влијание (чл. 359)
  • Злосторничко здружување (чл. 394)
  • Бесправно градење (чл. 244-а)
  • Перење пари (чл. 273)
  • Даночно затајување (чл. 279)
  • Злоупотреба на постапка за јавна набавка (чл. 275-в)
  • Судир на интереси (Закон за спречување на корупција)
  • Главни аргументи и факти

Според нивните наоди била издадена дозвола за леарница за алуминиум, лажно класифицирана како лесна индустрија (Г2), иако реално претставува тешка загадувачка индустрија (Г1.3), со што е загрозена изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на с. Самуилово.
Се фалсификувале документи, компјутерски измени и прикривање информации од јавен интерес.
Се вршела репресија врз вработени, советници и активисти – преку мобинг, преместувања, тужби и инспекциски контроли.
Била ангажирана фирма чиј сопственик е таткото на градоначалникот каде се давале сомнителни авансни позајмици во повеќе трансакции над 500.000 евра пред издавање на фалсификуваната градежна дозвола – што укажува на судир на интереси и можно перење пари.
Бил оневозможен јавен увид на јавни документи, укинување на преноси од седници – прекршување на транспарентноста и правото на учество на јавноста во процесот на носење одлуки поврзано со јавниот интерес за забрана на Г1 тешка загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје.

Овие дејства претставуваат тежок облик на злоупотреба на службената положба, со реални последици по здравјето, безбедноста и правата на граѓаните, сметаат од Здрава котлина.

„Ние, граѓаните, не сме само набљудувачи. Ние сме носители на демократијата. Она што денес се случува во Ново Село е опасен пример на локална диктатура, киднапирање на граѓанската волја од еден човек и неговиот татко, прикриена зад административни процедури и насилна тишина.

Животната средина, водата за пиење, здравјето на децата, законитоста и транспарентноста – се директно загрозени. Молчењето нема да не спаси. Акцијата, солидарноста и пријавувањето на неправдата – ќе не ослободат“, велат од Здрава котлина.

Апелираат  до граѓаните да не  молчат пред неправдата и секој што има сознанија, сведоштва или документи поврзани со злоупотреби, корупција или притисоци да ги пријави до надлежните институции или преку здруженија кои се борат за јавниот интерес.

Апелираат и до вработените во Општина Ново Село да не потпаѓаат под притисоци за незаконски постапки.