Еколошки, чисти и климатизирани автобуси ветуваат приватните превозници од понеделник
Од понеделник 55 автобуси од приватните превозници се вклучуваат во јавниот градски сообраќај во Скопје, а до нова година ќе бидат вклучени уште 20 возила, што би требало да го подобри градскиот превоз во главниот град.
Како што најави и Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, имаат еколошки автобуси, а се надева дека ќе се смени возниот ред, за автобусите да пристигнуваатна време, како што пишува на таблите. Тој ветува еколошки, чисти и климатизирани автобуси.
Приватните превозници денеска беа на средба со новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со кој се договориле да се вклучат поинтензивно во опслужување на градскиот превоз, а наталожените долгови да им бидат исплатени.
Во март пак, се очекува да пристигнат 80-те автобуси кои ќе ги набави Владата. Со сите овие возила, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски очекува да се нормализира јавниот градски превоз.
На денешната прес конференција која ја одржа заедно со претставници на приватните превозници тој посочи дека со нив се потпишани лиценците.
– На овие лица некој од за мене неразбирливи причини не им ги потпишуваше лиценците со месеци наназад. Апсолутно со тоа се правеше опструкција на граѓаните да имаат нормализиран транспорт. Дополнително проблемите кои се однесуваа на неплаќањето кон нив ќе бидат регулирани наредната година откако ќе направиме промена во менаџментот во ЈСП Скопје – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред. Во моментов, според превозниците, долгот кој Град Скопје и ЈСП го имаат кон нив изнесува околу 180 милиони денари.
Градоначалникот очекува дека на наредната седница на Советот на Град Скопје, на која на дневен ред ќе биде ребаланс на буџетот, ќе се направат напори во него да влезе и проектот БРТ, за што поскоро да започне неговата реализација.
facebookShare on Facebook