Еко свест: Кои партии се подготвени за климатска акција во Скопје?
Еко-свест издаде соопштение наречено „ Зелен изборен семафор“ врз основа на предизборните ветувања од локалните избори за Град Скопје, а со цел да престави кои партии се подготвени за климатска акција во Скопје.Според оџценката, планирани проекти и мерки на локално ниво за зголемување на климатската
отпорност на главниот град, мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови и контрола на загадувањето како и справување со отпадот опфаќаат голем
дел од изборните програми на политичките партии кои имаат кандидати за градоначалник на Град Скопје и кандидати за советот во градот на овие локални
избори. Тоа пак потврдува дека токму овие се проблемите на градот Скопје.
„Еко-свест и за овие избори ги анализираше програмите на политичките партии кои овие локални избори имаат изборна програма (само 6 од 23). Програмите ги
оценивме според критериуми согласно обврските на градоначалниците кон Европската повелба за градоначалници и изработивме „изборен семафор“. Според
оваа повелба градоначалниците во рамки на своите овластувања имаат обврска да ги намалуваат емисиите на стакленички гасови – преку мерки во загревањето,
транспортот и отпадот; да ја зголемуваат отпорноста на општината на последиците од климатските промени и да ја намалуваат енергетската сиромаштија.
Скопје е еден од градовите потписници на Повелбата уште од 2010г. и има превземено обврска да изработи Локален акциски план за енергија и клима и да спроведува мерки и проекти во сите овие 3 области. За град Скопје досега не е изработен ваков план.
„Кога ги анализиравме програмите бевме пријатно изненадени дека во сите достапни програми се предвидени мерки за зголемување на отпорноста на главниот град. Но, не сите политички партии имаат предвидено конкретни чекори и извор на финансии за реализирање на овие мерки и проекти. Загрижува што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
како најголеми политички партии, иако имаат предвидени мерки за намалување на емисиите на територијата на градот, сепак во голем дел планираат изградба на нови
или реконструкција на постоечки булевари и улици што секако ќе придонесе за зголемување на сообраќајот во градот и зголемување на емисиите и загадувањето“-
изјави Елена Николовска, програмски координатор за клима во Еко-свест.
Иако општините делумно имаат надлежности во поттикнување на граѓанска енергија – фотоволтаични панели на домови и просумери преку субвенции, сепак само Зелен
Хуман Град има спомнато вакви мерки. Сите анализирани програми недоволно обрнуваат внимание на заштитата на природата, бидејќи создавање на нови зелени
површини не подразбира и заштита на природата на територијата на градот.
Партиите имаат предвидено социјални мерки и проекти, но само две од анализираните програми имаат мерки и активности за намалување на енергетската
сиромаштија, клучна мерка во овозможување на енергетската транзиција на земјата.
Од политичките партии има многу ниска застапеност на едукација за клима и животна средина, иако токму подобрување на разбирањето на локалните заедници
за овие теми е важно за успешноста на спроведувањето на многу од планираните мерки.
Во услови кога ниту една од општините во земјава нема доволно финансиски и човечки капацитети да спроведува поголеми инфраструктурни проекти, како на
пример изградбата на регионални депонии по стандари или справување со загадувањето на воздухот, би сакале да видиме поголема застапеност на ваква
соработка од партиите. Во моментов само во две од изборните програми е планирана меѓуопштинска соработка“, посочуваат од Еко свест.