ЕИБ: Кредитирањето во Северна Македонија скромно се подобри, условите дополнително се влошија


Идните изгледи се помалку ветувачки отколку во регионот во целина, вклучително и за нефункционалните кредити, оценува Европската инвестициска банка

 

Побарувачката за кредити во Северна Македонија само скромно се подобри во изминатите шест месеци, додека условите на страната на понудата дополнително се влошија, оценува Европската инвестициска банка во најновото есенско издание за 2021 година на својата анкета за банкарското кредитирање во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ). Притоа во делот посвете за Северна Македонија се вели дека неодамнешните случувања и идните изгледи се помалку ветувачки отколку во регионот во целина, вклучително и за нефункционалните кредити, за кои банките очекуваат зголемување.

Извештајот ги истражува стратегиите на меѓународните банки активни во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) и пазарните услови како што ги оценуваат банките кои работат таму. Извештајот обезбедува анализа и споредба на ниво на регион и на ниво на поединечни земји.

Објавувањето на анкетата во есента 2021 година покажува позитивна перспектива за банкарските системи во регионот на ЦИЈИЕ, но со долготрајни жаришта на несигурност и одредени надолни ризици. И покрај моќните ефекти на пандемијата, побарувачката за кредити се врати, а условите за понуда за финансирање почнаа полека да се олеснуваат. Побарувачката на заеми е силна кај домаќинствата, а исто така заживува и во сегментот на фиксни инвестиции на фирмите. Условите на понудите за кредитирање се олеснуваат, но повеќе за домаќинствата, отколку за бизнисите, додека условите сè уште се затегнати, особено за помалите компании.

Во поглавјето за Северна Македонија, во однос на процената на позиционирањето и потенцијалот на пазарот се вели дека во согласност со претходното истражување, матичните банкарски групации го сметаа нивното моментално позиционирање на пазарот или како задоволително (50 отсто) или како оптимално (50 отсто). Слично на ова, пазарниот потенцијал беше оценет како среден (50 отсто) или висок (50 отсто). Профилот на профитабилноста исто така остана непроменет, при што повеќето банки сметаат дека повратот на средства (RoA) и поврат на капиталот (ROE) се еднакви (50 отсто) или повисоки (50 отсто) од вкупната профитабилност на групацијата.

„Побарувачката за кредити во Северна Македонија до некаде закрепна во изминатите шест месеци, но во ограничен обем и помалку отколку агрегатната во земјите на ЦИЈИЕ. Додека квалитетот на барањата за кредити стана понеутрален, тој и натаму е прилично слаб во однос на поширокиот регион. Во наредните шест месеци банките очекуваат дека побарувачката за кредити ќе се подобри, но во помал обем отколку просекот во регионот“, се вели во извештајот.

Притоа, се додава дека за разлика од регионот на ЦИЈИЕ, условите на понуда на кредити дополнително се заострија во последните шест месеци. На страната на понудата условите ќе останат генерално непроменети во наредните шест месеци, а единствен фактор за поддршка се очекува да биде олеснување на капиталните ограничувања во рамките на групацијата.

„Пристапот до финансиски средства се подобри во последните шест месеци, но помалку отколку во регионот во целина. Во наредните шест месеци, се очекува финансирањето во рамките на групата и во странска валута да биде повеќе поддржано“, се вели во извештајот на ЕИБ.

Стапките на нефункционални заеми (NPL) значително се влошија во изминатите шест месеци, додека тие се подобрија во агрегатот на ЦИЈИЕ. Банките очекуваат дополнително зголемување на коефициентот на NPL во наредните шест месеци, особено во корпоративниот сегмент, посочува ЕИБ додавајќи дека беа преземени голем број мерки за да се намали притисокот врз банките како одговор на пандемијата. КОВИД-19 модулот покажува дека банките реагираа умерено на овие мерки и дека забрзаа одредена дигитализација на процесите.

Инаку, генералната оцена е дека новата анкета на ЕИБ покажува позитивен развој на настаните во банкарското кредитирање во Централна, Источна и Југоисточна Европа. Побарувачката на заеми се зголеми, а пристапот до кредити е олеснет во Централна, Источна и Југоисточна Европа – но подобрувањата се првенствено наменети за домаќинствата, наместо за бизнисите. Исто така, кефициентите на нефункционалните кредити се подобрија во текот на изминатите шест месеци, но подобрувањето не се очекува да продолжи во следните шест месеци, што сигнализира одредена неизвесност, се вели во соопштението до медиумите.

Објавувањето на анкетата во есента 2021 година покажува позитивна перспектива за банкарските системи во регионот на ЦИЈИЕ, но со долготрајни жаришта на несигурност и одредени надолни ризици. И покрај моќните ефекти на пандемијата, побарувачката за кредити се врати, а условите за понуда за финансирање почнаа полека да се олеснуваат. Побарувачката на заеми е силна кај домаќинствата, а исто така заживува и во сегментот на фиксни инвестиции на фирмите. Условите на понудите за кредитирање се олеснуваат, но повеќе за домаќинствата, отколку за бизнисите, додека условите сè уште се затегнати, особено за помалите компании.

„Анкетата покажува дека меѓународната и националната поддршка биле клучни за одржување на активностите на банкарските групи во регионот на ЦИЈИЕ по првичниот остар и нагол застој генериран од шокот со КОВИД-19 во 2020 година“, рече главниот економист на ЕИБ, Дебора Револтела. „Одржувањето на оваа силна јавна посветеност сега е од клучно значење за олеснување на пристапот до финансии за компаниите и олеснување на инвестициите во зелената и дигиталната транзиција. Банките во регионот имаат силен партнер во Групацијата ЕИБ на кој можат да се потпрат за поддршка на финансирањето на локалните економии“.

„Четириесет отсто од банкарските групи кои работат во регионот на ЦИЈИЕ имаат намера да ги прошират своите операции. Ова е добра вест по превирањата со КОВИД-19 предизвикани во 2020 година“, додаде Лука Гатини, раководител на Одделот за макроекономско сценарио. „Но, остануваат некои несигурности и надолни ризици. Пристапот до банкарско финансирање сè уште не им се олеснува на фирмите. Исто така, банкарските групи очекуваат застој на позитивниот развој на настаните кај нефункционалните кредити. Регулаторните и политичките мерки ќе треба да продолжат да докажуваат поддршка, особено за да се забрзаат многу потребните инвестиции во климатските активности и дигитализацијата“.

Анкетата за банкарско кредитирање во ЦИЈИЕ е дел од известувањето и мониторингот што редовно го спроведуваат ЕИБ, ММФ, ЕБОР и Светската банка за „Виенската иницијатива“, рамка за заштита на финансиската стабилност на Европа во развој.

Посветеност и перспектива на банкарските групи за регионот

Изложеноста на банкарските групи кон регионот се зголеми во изминатите шест месеци, како дел од стратешката определба за одржување или дури и зголемување на операциите. Покрај тоа, тие објавија дека нивните операции во ЦИЈИЕ биле повторно профитабилни по привремениот пад во 2020 година.

Прекуграничните банкарски групи сигнализираат позитивни стратешки намери за нивните регионални операции, што укажува на целосна поддршка за нивните подружници и изложеност таму во 2021 година. Околу 60 отстоп од анкетираните банкарски групи имаат намера да ги задржат своите операции во ЦИЈИЕ, додека 40 отсто имаат намера да ги прошират.

Понуда и побарувачка на кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа

Услови на понудите за кредитирање по пазарен сегмент во 2021 година

Извор: ЕИБ – Анкета за банкарско кредитирање во ЦИЈИЕ, есен 2021 година

Подружниците и локалните банки во ЦИЈИЕ известуваат за силно зголемување на побарувачката за кредити. По драстичното намалување во вториот и третиот квартал од 2020 година, побарувачката се зголеми, првенствено поддржана од барањата за обртни средства, заедно со позитивната перспектива на пазарот за домување, довербата  и трошењето на потрошувачите. Поточно, поддршката за побарувачката обезбедена од инвестициските заеми повторно стана позитивна по острите контракции во 2020 година и почетокот на 2021 година. Овој пресврт сигнализира подобрување на реалните економски услови за компаниите.

Условите за кредитирање се олеснија во изминатите шест месеци по заострувањето во 2020 година и почетокот на 2021 година. Сепак, додека кредитните услови се олеснија за домаќинствата, тие не го направија тоа и за компаниите, особено за малите и средните претпријатија.

Квалитетот на кредитите повторно почна да се подобрува по благото влошување во 2020 година. Сепак, не се очекува враќањето да продолжи во следните шест месеци, при што банкарските групи сигнализираат зголемена неизвесност.

Коефициенти на нефункционалните кредити во ЦИЈИЕ

Негативните бројки укажуваат на зголемување на коефициентот на нефункционални кредити

Извор: ЕИБ – Анкета за банкарско кредитирање во ЦИЈИЕ, есен 2021 година

Поддршката на политиката за КОВИД-19 беше клучна за одржување на работењето на банките во регионот

Банките кои работат во регионот известија дека регулаторните и политичките мерки за поддршка на кредитирањето одиграле значајна позитивна улога. Поточно, банките кои ги искористија шемите за јавни гаранции покажуваат дека овие програми биле многу ефикасни во поддршката на продолжувањето на заемите – нешто што се повторува во последните три бранови на анкети. Банките што ги користат предностите на операциите за рефинансирање на централната банка сметаат дека овие олеснувања ги поддржале кредитните услови.