„Едно големо ништо“: Бујар Османи за Влен во Владата
ДУИ оценува дека учеството на Влен во Владата ја поткопа европската идеја и тоа е нивниот најголем неуспех. И дека тоа посебно им штетло на Албанците.
На денешната прес-конференција насловена „Две години понижување – Влен ништо“, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека Влен пред граѓаните вети брзи резултати на патот кон Брисел во првите шест месеци од владеењето со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, но реалноста по две години покажала разочарувачки биланс без ниту еден суштински чекор кон ЕУ.
„Претседателството на Ирска со Европската унија воопшто не ја споменува нашата држава во својата агенда. Министрите на Влен задолжени за европските прашања немаат реализирано ниту една посета на европските престолнини. Особено загрижува фактот што и историската можност што ја понуди Планот за раст на Европската унија остана во голем дел неискористена“,рече Османи.
Како клучен доказ за неуспехот на ВЛЕН како политички претставник во извршната власт, потпретседателот на ДУИ се повика на последниот извештај на Европскиот парламент, каде што се нотирани слабости во меѓуетничките односи.
„Кога Европскиот парламент е принуден да ги потсетува институциите во државата да ги почитуваат веќе стекнатите права на Албанците, тогаш тоа е најсилниот доказ за неуспехот на Влен како политички претставник во Владата“, рече Османи.
Од ДУИ порачуваат дека со ваквите политики Северна Македонија го губи статусот на пример за успешно мултиетничко општество, а стратешката насока на државата повторно се доведува во прашање.
„Ова претставува целосен пораз за нас Албанците. Додека ги губиме стекнатите права во многу области, европскиот глас на Албанците во Владата е сведен на едно големо ништо. И тоа ништо има име. Тоа име е Влен. Албанците не гласаа за ова и на следните избори, кога и да се одржат, Албанците ќе го променат тоа“, додаде Османи.
Според него, „изминатите две години се виде дека програмска определба на оваа Влада се три прашања – блокирање на европскиот пат, унилатерална ревизија на мировниот Охридски договор и непочитување на волјата на албанскиот народ“.