Едната наредба за Јанакиески се изгуби, другата за Божиновски ја згрешиле
Функционерите во минатата влада, Миле Јанкиески и Кирил Божиновски, кои се во домашен притвор вчера полицијата не ги спроведе на рочиштето за случајот „Титаник“. Судењето се одложи, а нема логично објаснување зошто двајцата не биле спроведени од притвор. Од Кривичниот суд тврдат дека била издадена наредба за спроведување на обвинетите и велат дека добиле и повратница дека била издадена наредба до полициските станици.
Од Министерството за внатрешни работи пак велат дека во Полициската станица Карпош којашто е надлежна да го спроведе Јанакиески не била стигната наредба. Во случајот со Божиновски пак наредбата за спровод стигнала до Полициската станица Центар, но била направена грешка при проследувањето на наредбата. Од Министерството велат дека за полицаецот кој ја направил грешката веднаш е поведена дисциплинска постапка и ќе биде суспендиран.
Иако сите апелираат да се забрзаат судењата на Специјалното јавно обвинителство во Кривичниот суд, рочиштата сѐ почесто се одложуваат, а странките обвинуваат за одолговлекување на постапката. Завчера се одложија и „Маѓар телеком“ и „Монструм“, и во двата случаи не беа спроведени сведоци. За криминалот со „Маѓар телеком“ клучниот сведок, Слободан Богоески, не добил покана бидејќи градските власти го смениле редниот број на неговиот дом, а двајцата сведоци во „Монструм“ не беа спроведени, а полицијата не го известила судот зошто. Судењата се одложуваат поради банални причини, за кои секоја институција си има свое оправдување.
Случајот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.000 од 5.900 предложени материјални докази од СЈО.
Предметот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здтужување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. (Ф.Ф.С.)