Една од омилените фирми на власта го добила тендерот за забавниот парк


По повеќе од два месеци откако заврши јавниот повик на Град Скопје, избрана е фирма за  проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти. На Електронскиот систем за јавни набавки е објавено дека како најповолен понудувач е избрано Друштво за градежништво, трговија на големо и мало, увоз-извоз „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје. 

Инаку, „Мастеф“ ДООЕЛ е фирма за која СДСМ уште пред една година обвини дека е една од омилените на власта која преку тендери добивала милионски суми и дека во последните три години добила тендери вредни над 4 милиони евра.

Според СДСМ, во Општина Кисела Вода кога градоначалник беше Орце Ѓорѓиевски , за период од 2022 година до 2024 година, „Мастеф“ добило тендери во вредност од 1,7 милиони евра, а во Општина Аеродром, во мандатот на Тимчо Муцунски склучени биле договори во износ од речиси еден милион евра.

Според Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Кисела Вода во мандатот на Ѓорѓиевски со оваа фирма има склучено два договора, едниот за поставување на урбана опрема во дворовите на детските градинки и основните училишта на територија на општината и изградба на детски и спортски игралишта во населба Драчево, село Драчево, Пржино, населба Градинар, Пинтија, Расадник, Кисела Вода, Каменик, склучен на 2.04.2024 година во износ од 70 милиони денари.

Уште еден договор со оваа фирма е  склучен на 10 септември во вредност од 19,5 милиони денари за изградба на спортска сала во подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор. Или, прикажано во евра, оваа фирма со Општина Кисела Вода склучила два договори со вкупна вредност од речиси 1,5 милиони евра.

Во јавниот оглас критериум за доделување на договорот беше најниската понудена цена, но во него не беше прецизирана проценетата вредност на проектот.