Eдна година Влада: Мицкоски најави „5-та и 6-та брзина“ во економијата и битка против „бандитизмот“ од политички и бизнис структури

Тој зборуваше за економијата, правдата, но не и за заглавениот процес на евроинтеграцијата и како тој да се одглави


Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во свечен говор пред седиштето на Владата во Скопје, по повод една година од функционирањето на Владата, најави „петта и шеста“ брзина во економијата и битка против, како што рече „бандитизмот“ создаден од политички и бизнис структури. За разлика од претходните негови изјави за работењето во изминатата една година, во кои за опозицијата употребуваше психолошки термини, како Фројд, Стокхолмски синдром и слично, вечерва тој акцентот го стави на повеќе започнати и завршени проекти, како и она што ќе бидат приоритет во иднина. Сепак, не изостануваа и критиките за политичките претходници, велејќи дека Владата наследила руиниран систем, но дека успеала да ги постави темелите на промените. Тој зборуваше за економијата, правдата, но не и за заглавениот процес на евроинтеграцијата и како тој да се одглави. 

„Во оваа тешка година имаме резултати зад нас кои се јасен показател дека стигнавме на солидна основа. Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти, рече премиерот Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“. 

Мицкоски истакна дека очекува максимална посветеност во исполнување на програмата и преку 400 проекти, мерки, чекори, реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата,…. 

По години на празни ветувања и  пермaнетна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, укажа премиерот, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе. 

„Ние не ветуваме брзи решенија, затоа што знаеме дека вистинските промени бараат време, трпение и упорност. Но, знаеме и дека секој ден на напредок е победа. Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме. За децата што ќе растат во безбедна и чесна земја. За сите нас што веруваме дека можеме и мораме подобро“, рече премиерот.

Оваа година, рече Мицкоски, беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација.

„Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти. И она што денес сакам да го соопштам е дека за повеќе од три пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година. Веќе вклучуваме во 5-та па и 6-та брзина. И очекувам максимална посветеност во исполнување на програмата, очекувам преку 400 проекти мерки чекори реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на раст и развој, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата, реформи во даночната политика и справување со инфлациски и предизвици на животниот стандард, проекти за млади, проекти за земјоделци, проекти за работници, проекти за купување на нов дом, возила… проекти кое ќе го донесат времето за кое сите се надеваме и длабоки промени кои ги заслужуваме“, посочи Мицкоски. 

Затоа, како што додаде денес, гледаме напред со увереност и со срце полно надеж.

„Времето на секој еден од вас допрва доаѓа! Време кога ќе ги оживееме нашите соништа, кога заедничка Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите,  Бошњаците, ќе се издигне посилна и посветла од кога било“, рече Мицкоски

Според Мицкоски најголем предизвик во периодот кој следи за Владата ќе биде овозможување систем кој ќе може брзо да ја испорача правдата и во кој нема да може да функционира „бандитизмот“ создаден од политички и бизнис структури кои работат во широка коалиција, бидејќи, според него, од тоа ќе зависат многу следни политички случувања во државата.

„Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по нарко бандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судство и обвинителство кое сега го немаме“, рече тој додавајќи дека не е задоволен од динамиката на испорачување на правдата,, како и дека постојат „очигледни спреги“ меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сака да се бори.

„И, ако ме прашате мене, јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе не води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде мој најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата“, рече премиерот Мицкоски.

Тој се осврна и на како што рече, најтешкиот ден како премер, несреќата во Кочани.

„Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван и дезавуиран. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам се тоа да не се повтори. И како политички фаактор од првиот ден испратив реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се рботи мора да биде одговорност. Јас и денес стојам на истиот став а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека како Влада сме во преговори за обезбедување на историски највисокиот инвестициски пакет за обнова и подддршка на Кочани. Работиме на тоа да покажеме дека за нас е важно и дека граѓаните не се сами“, рече премиерот.

Македонија, додаде мора да оди напред и притоа нагласи дека тој никогаш нема да дозволи земјата да биде понижена.

„Сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние кои сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја плјачкаа Македонија и се потпишуваа. Македонија никогаш повеќе немаа да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши“, реже македонскиот премиер.

Се заблагодари „искрено и со цело срце до народот кој дошол да проследи што имаат да кажат како Влада, до секој еден човек кој има очекувања и има надеж за нашата држава.

Потсети дека воедно се започнати и реформи во Министерството за внатрешни работи. Целосно, нагласи тој, е решен хаосот со издавање на пасоши, набавена уште една машина за печатење лични документи и целосно решен процесот на издавање на лични документи.

Тој во обраќањето се осврна на делот на меѓуетничките односи, истакнувајќи дека се работи на нивно релаксирање.

„Усвоивме нова програма за унапредување и поддршка на етничките заедници со цел унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности. За прв пат е изработен Стратешки план за гарантирање на правата на сите етнички заедници и унапредување на меѓуетничките односи, рече Мицкоски.

Тој додаде дека многу е напеавено и во сферата што ја опфаќа Министерството за одбрана и оти таму има поголеми достигнувања. 

„Оваа година одвојуваме 32 проценти од буџетот, односно 106 милиони евра што е 18 милиони евра повеќе од минатата 2024 година. Едноставно кажано, модернизацијата нема да запре, туку напротив – ќе се интензивира“, истакна премиерот. 

Тој во обраќањето се истакна и дека Македонија е прва земја од регионот, потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, што еодраз на одличната и континуирана соработка со Унијата и претставува клучен чекор кон потесна соработка за широк спектар безбедносни прашања, рече македонскиот премиер. 

„Времето кога години наназад секој од нас губел надеж е минато. Македонија може напред. Човек сам може да направи разлика, но, сите може да направиме историја, порача Мицкоски.

Заедно, рече тој, ги градиме темелите, камен по камен, за Македонија што ќе ја препознаеме и ќе ја сакаме, за Македонија каква што ја заслужуваме и со која ќе се гордееме, порачувајќи дека „времето на Македонија допрва доаѓа“.

„И тоа не е само слоган – тоа е наша обврска кон сите вас. Ги градиме темелите со пот, со борба и со надеж. За секој што верува дека оваа земја заслужува подобро, за тебе и твоето семејство, за иднината која доаѓа, за Македонија која повторно ќе биде твоја“, рече премиерот додавајќи дека ова е една година од новиот почеток, една година градење темели на промените за времето на граѓаните кое доаѓа.