Една година од пожарот во „Пулс“: На 63 празни столчиња, нема кој да седне

Ноќеска во 2.32 часот, многубројни граѓани, се собраа на бдение пред изгорената дискотека „Пулс“ - таму кадешто замре последниот пулс на 63, претежно млади луѓе


Една година по пожарот во Кочани, раните сѐ уште  се отворени – на родителите кои ги загибија свооите деца, но и на близу 200 посетители на дискотеката „Пулс“, кои пред една година отидоа на концерт на групата „ДНК“, а од таму заминаа со изгореници и затруени од отровни гасови.

Веќе некое време се води судскиот процес, низ кој сите очекуваме да излезе вистината, жртвите да стигнат до правда, а за најблиските да има некаква утеха. Јасно е дека ваква трагедија не смее да се повтори, а на тоа секојдневно ѐ потсртуваат Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.

Во спомен на овие имиња, ноќеска во 2.32 часот, многубројни жители на Кочани и околните места, се собраа на бдение пред изгорениот објект на дискотеката „Пулс“ – таму кадешто замре последниот пулс на 63, претежно млади луѓе. 

Со свеќи во рацете и воздишки, придушен плач, тие на годишнината од трагедијата се потсетија на своите најблиски, оние на кои ден два претходно им беа на гробовите, каде се опеа парастос за нивните души. 

Оние кои успеаја да им избегаат на огнените пламени пак, храбро раскажуваат за премрежјата кои ги поминале во оваа годна. Некои не се сеќаваат на часовите, деновите, месеците по излегувањето од дискотеката во пламен. Стиснати во возилата на брзата помош, заминувале најпрво до кочанската болница, а потоа и штипската, скопските клиники… за уште истата вечер или другиот ден, најкритичните да заминат во некоја од соседните држави, но и подалеку, со цел да им се спаси животот. Сведочат дека биле во кома, некои и по еден месец, прашувале кој ден е, кога се разбудувале, а во оваа година се научија да се прифатат себеси, да ги издржат погледите на луѓето со кои се среќаваат, да ја подголтнат болката на своите соседи кои изгубиле некој, да шепотат, но и да зборуваат гласно за трагедијата, која засекогаш ги обележа и им ги промени животите. 

Сепак, тоа се млади луѓе – кај некои од нив има желба да победат, да одат понатаму и да се изборат ова никогаш да не се повтори, да не се случи никому, а сите ние, сме тука да ги поддржиме на тој пат – сплотено, да им се најдеме во најтешките моменти, како Сапорт Кочани, самоорганизирани млади ентузијасти, кои подобро од сите институции се снајдоа по трагедијата, кои први почнаа да пренасочуваат пари од донации, директно на засегнатите, а од тогаш прераснаа во симбол за солидарност.

„Марш на ангелите“ – гласот на родителите што една година не замолкна

Во текот на изминатата година, родителите на загинатите и повредените станаа најгласните носители на борбата за правда. Нивниот „Марш на ангелите“ започна веднаш по трагедијата – како симболичен чин на болка и надеж. Маршевите се одржуваа секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите. Државата во меѓувреме најави реформи во системите за безбедност, контроли и инспекции, но семејствата не се уверени – велат дека институциите „ветуваат многу, а прават малку“.

За одбележување на првата годишнина, Општина Кочани организира тридневна комеморативна и духовна програма од 14 до 16 март. Имаше богослужби, отворање на меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, се постави симболична инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ со мурал „Ѕид на сеќавање“, како и собир пред објектот „Пулс“ во 02:15 часот по полноќ – времето кога се случил пожарот.

Во Скопје пак, се одржа „Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, на која зборуваа функционери, но и лекари од речиси сите земји, кои помогнаа жртвите од пожарот да се згрижат и третираат  навремено. 

И другите гратчиња, чии жители исто така беа во Кочани, на кобната вечер, на концертот, со пригодни манифестации ја одбележаа годишнината.

Пораката е една: Никогаш да не се повтори!, а за тоа институциите треба да доживеат длабока промена и секој еден вработен во нив, доследно да си ја завршува работата – без компромис и со интегритет.