Еди Рама: Зошто да се оди во Брисел кога ЕУ е киднапирана од Бугарија


 

Наместо партнери земјите од Западен Балкан полека стануваат „странци“ со ЕУ. И тоа благодарение на однесувањето на Бугарија.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека на европскиот самит ќе слушне уште еднаш „Не, извинете“ за почетокот на преговорите и прашува дали воопшто треба да се оди во Брисел и да ја гледа ЕУ киднапирана од Бугарија. Така што кај него постои само песимизам околу одлуките на самитот.

Во објавата на Твитер денеска тој се осврнува на разговорот што го имал со Димитар Ковачевски и Александар Вучиќ.

„Ние долго разговаравме со лидерите на Србија и Северна Македонија за идниот самит на ЕУ. Се гледа дека уште едно ‘Не, извинете’ ќе биде тоа што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакал за да се гледа! Што да се прави таму?!“, напиша Рама на Твитер.

На Фејсбук се огласи и македонскиот премиер Димитар Ковачевски околу истиот денешн триспартитен разговор: „Во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит денеска одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел“, напиша Ковачевски.

Рама истото тоа ѝ го рекол на финската премиерка Сана Марин која денеска беше во Тирана по посетата на Скопје. „Јас ѝ реков на премиерката дека не очекувам ништо ново на овој Совет, но земјите на ЕУ до крај, вклучително и Финска, се обидуваат со Бугарија да го отворат патот на разумот и да го ослободат процесот. Заради тоа сме благодарни“, рече Рама.