Еден од најсмртоносните снајперисти на светот стигна во Украина
Канаѓанецот познат како „Вали“ се одзвал на повикот на претседателот Зеленски „онака како што пожарникарот одговара на повикот за тревога“
Еден од најсмртоносните снајперисти во светот треба да се приклучи на борбите во Украина, откако одговори на повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој апелираше до странските доброволци да ѝ помогнат на земјата во борбата против руските инвазиски сили.
Канадскиот стрелец, познат само по прекарот „Вали“, потекнува од елитниот 22. кралски канадски полк и има претходно борбено искуство од конфликтот во Кандахар за време на војната во Авганистан помеѓу 2009 и 2011 година, пишува „Дејли мејл“.
После тоа, 40-годишникот самоиницијативно отпатувал во Ирак во 2015 година за да помогне во борбата против силите на Исламската држава. Во јуни 2017 година, еден од неговите другари наводно убил член на ИСИЛ од неверојатна далечина од дури 3.450 метри.
Извештаите објавија дека припадникот на 22. кралски канадски полк употребил пушка McMillan Tac-50 за да убие припадник на ИСИЛ во еден вид „светски рекорд“, односно најсмртоносниот истрел од далечина досега.
Во саботата, украинскиот претседател упати барање и апелираше до членовите на меѓународната заедница на вооружените сили да тргнат кон Источна Европа и да се приклучат на воените напори.
„Вали“, кој ги остави сопругата и едногодишниот син дома, бил контактиран од пријател кој помага да се организираат „неутрални конвои за хуманитарна помош“ во окупираниот регион Донбас во југоисточна Украина.
Тој го опиша моментот кога одговорил на поканата да им се придружи на украинските доброволни сили како кога „пожарникар го слуша алармот“.
До минатата недела „Вали“ работеше како компјутерски програмер во Канада. Сега, сепак, тој се подготвува да се бори против руските војници на локација во Украина оддалечена речиси 8.000 километри.
„Сè уште програмирав пред една недела. Сега вадам противтенковски проектили од магацин за да убивам луѓе… Тоа е мојата реалност во моментов“, изјави Вали за CBC News.

Повеќе од 20.000 луѓе од 52 земји веќе доброволно се пријавија да се борат против руските окупатори во Украина, каде што ќе служат во новоформираната меѓународна легија, изјави минатиот викенд украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
Неговата сопруга, чиј идентитет е заштитен од безбедносни причини, рече дека неволно му дозволила да замине и дека ако го чувате дома би било „како да го ставите во затвор“.
„Вали“ беше пречекан со прегратки од локалното население по пристигнувањето во Украина во петокот на 4 март заедно со тројца поранешни канадски војници.
Но, навлегувајќи подлабоко во срцето на Украина и сведочејќи на уништувањето нанесено од руските војници и артилериските напади, „Вали“ рече дека се чувствувал принуден да дејствува.
„Сакам да им помогнам. Толку е едноставно“, вели Вали. „Кога ќе ја видам уништената зграда, го гледам човекот кој ја поседува, кој гледа како неговиот ‘пензиски фонд’ се претвора во чад. Морам да помогнам затоа што има луѓе што се бомбардирани само затоа што сакаат да бидат Европејци, а не Руси. Одам таму од хуманитарни причини“, рече Вали претходно.
Група ветерани доброволци моментално се сместени во напуштена куќа и планираат наскоро да се поврзат со украинските одбранбени сили.
Украина планира да формира резервна единица од околу 10.000 обучени офицери и повеќе од 120.000 доброволци за да ги одбие руските сили.