ЕЦБ предупредува на ризикот од корекција поради високите цени на акциите на технолошките компании
Високите цени на акциите на технолошките компании и фирмите поврзани со вештачката интелигенција (ВИ) би можеле да поттикнат корекција на берзите, предупреди потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Луис де Гиндос.
Цените на активата на финансиските пазари би можеле значително да се променат на краток рок, со ефекти на прелевање врз поврзаните сектори, нагласи функционер на ЕЦБ на Euro Finance Week во Франкфурт, пишува СЕЕбиз.
Глобалните берзи пораснаа од ниските нивоа од април, а преовладувачкиот оптимизам дополнително ги поттикна веќе високите цени на финансиските пазари, објасни Де Гиндос.
„Концентрацијата на пазарот меѓу неколку големи американски технолошки компании и нивната меѓусебна поврзаност истовремено се продлабочи, па пазарите сега се изложени на ризици од можни шокови врз нивните деловни модели поврзани со вештачката интелигенција“, рече Де Гиндос.
Инвеститорите неодамна беа загрижени за високите цени на акциите на американските технолошки компании како што се Nvidia, Amazon, Google и Microsoft. Поради нивната огромна пазарна капитализација, овие компании имаат значителен удел во индекси како што е MSCI World, кои се популарни меѓу приватните инвеститори.
Набљудувачите стравуваат дека „пумпањето“ на вештачката интелигенција во јавноста доведе до формирање на меур на пазарите, кој наскоро би можел да пукне и да предизвика големи загуби на берзите. Нервозата е дополнително засилена од прашањата на инвеститорите за тоа дали големите инвестиции на многу компании во вештачка интелигенција ќе се исплатат и ќе ги оправдаат сегашните нивоа на цените на акциите.