ДЗР утврди еден куп пропусти кај Системот за интегрирано планирање на ресурсите и голем ризик од несоодветно управување со податоците


Недостиг на безбедносни политики, користење на застарени оперативни системи и на заеднички лозинки и без двојна потврда, како и неажурирани резервни копии, се дел од слабостите на системот за интегрирано планирање на ресурсите што ги утврдиле ревизорите.

Системот за интегрирано планирање на ресурсите го употребува Службата за општи и заеднички работи на Владата за извршување на сметководствено-финансиските услуги за повеќе државни институции.

Иако, ИПР системот е имплементиран во 2016 година, како што се наведува во ревизорскиот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), се уште отсуствува правен акт кој ги регулира правата и обврските на Министерството како сопственик и на Службата како корисник на системот што, според ревизорите, создава ризик од несоодветно управување со податоците. 

Поради несоодветно планирање и ненавремено спроведување на постапките за одржување на системот, во периодот од 522 дена не бил склучен договор за регулирање на правата и обврските за негово одржување. Ваквата состојба влијае на безбедноста, достапноста и точноста на податоците, како и до потешкотии во изготвувањето на финансиските извештаи за соодветните известувачки периоди. Во периодот на одржување не се преземени активности за редовна проверка на резервната копија (бекап) на податоците, а со тоа се зголемува ризикот од поврат на податоците, наведуваат ревизорите. 

Во Службата за општи и заеднички работи, како што се посочува во ревизорскиот извештај, недостигаат стратешки документи кои ги дефинираат насоките за развој, одржување и надградба на информатичките системи, како и политики и процедури за управување со податоци што, според ревизорите, може да доведе до неефикасно управување и до ранливост од безбедносни закани. 

Ревизорите утврдиле и повторување на исти надградбени активности и надградби што не се засноваат на потребите и не ги опфаќаат сите корисници, недостиг од поврзување со Централниот регистар преку интероперабилност, како и високи трошоци и забавување на процесите поради недостиг на интегрција.

На навременото и ефикасно извршување на задачите, според ревизорите влијае и недостигот на човечки ресурси поради постојаниот одлив по основ пензионирање и недостигот на вработени со соодветни знаења.