Џон Траволта доаѓа на „Сан Ремо“ 2024
Италијанскиот избор за песна на Евровизија, 74. музички фестивал Сан Ремо, во истоимениот приморски град, започнува денес на 6 февруари и ќе трае секоја вечер до 11 февруари кога ќе изберат кој ќе ги претставува во шведскиот град Малме на финалната вечер. Првата евровизиска полуфинална вечер ќе биде на 7 мај, втората на 9 мај, додека финалната вечер е закажана за 10 мај.
Сан Ремо е познат по тоа што преносот на Radiotelevisione Italiana (RAI телевизија) трае до два часот по полноќ, а покрај одличните настапи на натпреварувачите, секоја година на програмата се нудат одлични музички изведби на домашни и странски ѕвезди. Затоа, не е чудно што на сцената првата вечер ќе се качи ланскиот победник Марко Менгони, кој ја претставуваше Италија со баладата „Due vite“.
Втората вечер ја носи холивудската ѕвезда Џон Траволта. Директорот на фестивалот Амедео Умберто Рита Себастиани, професионално познат како Амадеус, рече дека Траволта бил поканет благодарение на неговите улоги во филмовите „Треска во сабота навечер“, „Пеколен отпад“ и „Брилјантин“. Токму 69-годишниот актер, според познатиот водител, влијаел на многу генерации да се занимаваат со танцување, а ова ќе биде втор пат талентираниот актер да се најде на сцената на престижниот фестивал. Имено, првиот пат беше пред 19 години кога на сцената и ги масираше стапалата на актерката и водителка Викторија Кабело.
Третата вечер, на 8 февруари, на сцената ќе настапи новозеландскиот актер со холивудска кариера Расел Кроу, а се шпекулира дека ќе настапи како пејач со својот бенд. “Тој е одличен актер, но тој е и одличен блуз изведувач. Обожавам да го слушам”, рекол Амадеус за Кроу.
Други изведувачи кои ќе настапат за време на некои од вечерите се италијанската група Ricchi e Poveri и Gigliolа Cinquetti – кои ја донесоа првата евровизиска победа на Италија во 1964 година со песната ‘Non ho l’eta’ и многу други.
Домаќин на познатиот фестивал по петти пат е Амедео Умберто Рита Себастиани, попознат како Амадеус, а секоја вечер на сцената ќе биде придружуван од некој друг од светот на италијанскиот шоубиз. Така првата вечер ќе ја води со музичарот Марко Менгони, втората со пејачот Џорџо, третата со комичарката Тереза Манино, четвртата со танчерката Лорела Кукарини и финалето со комичарот Росарио Фиорела.
Убавата сцена на Санремо беше лансирно поле за бројни италијански икони, од Андреа Бочели до Лаура Паузини, па дури и неодамнешните светски сензации како Манескин. Со изминатите победници како Махмуд и Бланко и Марко Менгони, педигрето на фестивалот за откривање таленти е неспоредливо.