Џон Илија Апелгрен пред концертот во НОБ: Најубаво се пие и се сака на Френк Синатра


Еден од најдобрите џез вокали на овие простори, но и пошироко, Џон Илија Апелгрен, заедно со Националниот џез оркестар, вечерва, во 20 часот, – на денот на љубовта и денот на виното, ќе одржи концерт во НОБ на кој ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, благодарение и на генералниот спонзор Комерцијална банка АД Скопје. 

Во разговор за „Фронтлајн“, македонскиот џез вокалист Џон Илија Апелгрен говори за тоа како се дошло до идејата за овој концерт и кои се очекувањата. Тој се осврнува на тоа зошто токму Френк Синатра за денот на љубовта и виното и за значењето на формирањето на Националниот џез оркестар за македонската музика. Џони, за во иднина најавува и неколку интересни музички проекти.

Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена од кои 35 години како џез изведувач кој настапувал со биг бендот на МРТ, биг бендот на Здружението на џез музичари (ЗЏМ) и Македонската фихармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез стандарди.

Како дојде до идејата за овој концерт?

– Во последниве 7 години имав прекрасна соработка со колегите од ЗЏМ и имавме успешни настапи и прекрасни спомени. Сега со формирањето на Националниот џез оркестар беше природно таа соработка и да продолжи.

Зошто Френк Синатра?

– Иако звучи можеби чудно, но до сега кај нас не паметам да имало концерт кој е посветен на Френк Синатра, можеби во помали состави, но не со биг бенд. Имајќи предвид дека тој е еден од најголемите пејачки имиња на 20 век, човек со над 1200 снимени композиции, од кои некои и по неколку пати, со над 150 милиони продадени плочи, еден од оние кои најуспешно го популаризираа џезот и го донесоа во домовите преку плочи и радиото и на оние кои не посетуваат џез клубови, сметам дека токму сега беше право време. Денот на вљубените и те како одговараше за еден ваков концерт. Од претходното мое искуство знам дека кога имам најавено настапи во кои ќе исполнувам дел од репертоарот на Френк Синатра интересот е огромен, но ете сега за прв пат со целовечерен концерт и тоа со националниот џез оркестар. Со поддршката која ја има џез оркестарот од Националната опера и балет, обезбеден е простор за проби и концертот ќе се одржи во оваа установа. Особено ни е драго дека билетите се распродадоа во рекорден рок што само потврди дека сме направиле одличен избор на програмата.

Кои се твоите очекувања од концертот?

– Очекувањата се многу едноставни. Очекуваме публиката одлично да се забавува и ужива во изборот на дел од најголемите хитови на Френк Синатра, а ние музичарите на сцена да уживаме во меѓусебното музицирање и да оствариме уште едно прекрасно концертно доживување во низата.

Што значи формирањето на Националниот џез оркестар за музиката и културата во Македонија?

– Македонија отсекогаш имала неверојатни музичари, но со растурањето на Танцовиот оркестар на МРТ настана една огромна празнина за музика која може да ја изведува еден биг бенд. И покрај тоа во Македонија се изнедрија прекрасни помлади колеги џезери со кои навистина може да се гордее македонската јавност. Формирањето на националниот џез оркестар само ќе овозможи овие луѓе да можат слободно да творат и создаваат нови вредности за македонската музичка култура. Ние музичарите сме жедни за презентација на нашата работа, а со формирањето на оркестарот тоа ќе биде многу полесно, впрочем тоа се забележува и од досегашната работа на ЗЏМ, од концертите со биг бендот, од составите на нивните членови, од успешните концерти низ минативе 7 години во секакви формации и издадените албуми.

Што да чекаме следно од Џони?

– За оваа година најавувам уште две концертни програми кои сум наумил да ги остварам. Најверојатно следниот концерт ќе го имам годинава на тема Кубански болеро, па ќе треба да го „исполирам шпанскиот јазик“, а подоцна во годината и концерт во Битола на темата џез музика во филм. Сепак, сега сум длабоко сконцентриран на подготовките за концертот за Френк Синатра заедно со колегите од бендот.