Џафери во Минхен се сретна со вицепремиерката на Украина, Стефанишина
На состанокот заеднички се оцени дека безбедносното прашање на Украина е безбедносен предизвик за цела Европа и за меѓународната демократска заедница во глобални рамки. Од тие причини се изразија очекувања европската и светската демократска јавност да стојат заедно и едни до други како клучен предуслов за одбраната на глобалниот мир.
Џафери истакнал дека „Република Северна Македонија веднаш и недвосмислено ја осуди агресијата на Руската Федерација врз Украина, поддржувајќи го украинскиот територијален интегритет. Исто така, застанавме стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија во однос на надворешната и безбедносна политика. И како совесна членка на НАТО, ја пружаме потребната помош на Украина“, се вели во владиното соопштение.
Џафери ја поздравил и одлуката на Европскиот совет да отвори пристапни преговори за членство на Украина во Европската унија и отвори можност за споделување искуства во однос на евроинтеграцискиот процес и реформите потребни за приближување кон Унијата. Премиерот напоменал дека како земја-членка на НАТО остануваме посветени на политиката на отворени врати на НАТО и ја поддржуваме апликацијата на Украина за членство во НАТО.