Џафери во Брисел, со Мишел разговараше за интеграцијата на Македонија

Џафери и Мишел разговарале за реформските процеси во државава и да се искористи моментумот за проширување на ЕУ


 

Премиерот на техничката влада, Талат Џафери, е во Брисел каде што има средби со врвните раководители на Европската унија. Денеска тој се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на која беа разменети ставови за поддршката на Европската унија во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија, како и за текот на реформските процеси во земјата кои се од исклучителна важност за напредокот, информирааат од владината прес-служба.

Соговорниците констатираа и дека обновениот моментум на ЕУ за проширување е добредојден и оти треба да биде поттик за спроведување реформи во земјите од Западниот Балкан, со фокус на Планот за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во Европската унија.  Според Џафери, ЕУ перспективата останува главен двигател на промените, но и помирувањето во регионот.

 

„Двајцата соговорници на средбата истакнаа дека Северна Македонија негува одлични односи со сите земји од Западен Балкан. Минатата година, како земја претседавач со ОБСЕ, Северна Македонија потврди дека во континуитет е кредибилен партнер на ЕУ и на меѓународната заедница. Премиерот Џафери упати благодарност до претседателот на Европскиот совет, Мишел за поддршката во процесот на европско интегрирање на земјата“, се вели во соопштението.

На средбата на Џафери и Мишел присуствуваа и првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Ова е прва посета на Брисел на Џафери како премиер, и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, му честиташе за функцијата, нагласувајќи дека претстојниот период е од исклучителна важност за државата која треба да спроведе европски избори и да го задржи европскиот правец“, се додава во денешното соопштение од Владата.