Џафери се сретнал амбасадорката Филипиду, разговарале за обврските од Преспанскиот договор


 

Премиерот Талат Џафери и амбасадорката на Грција Софија Филипиду на денешната средба разговарале за односите меѓу двете држави и за имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор. Во владиното соопштение не се наведува каков бил заклучокот од разговорот.

Според соопштението, Џафери истакнал дека Владата останува силно определена и посветена на натамошно унапредување на билатералната соработка со Грција и ќе продолжи да манифестира конструктивност и активна соработка во сите области во претстојниот период.

Тој се заблагодарил на поддршката на Грција за европската интеграција на земјата, како и на активната соработката во рамките на НАТО и другите меѓународни и регионални организации и изразил надеж дека двете држави ќе продолжат активно да работат на остварување на заедничката визија за економски просперитетен и стабилен регион, интегриран во големото европско семејство на народи.

„Премиерот ја информираше амбасадорката дека Владата ќе продолжи активно да работи на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, со кој беше отворено ново поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Грција, и во таа насока, изрази очекување за исполнување на преземените обврски од двете страни“, се наведува во соопштението.

Амбасадорката Филипиду му го честитала изборот за претседател на Владата и изразила надеж дека досегашната плодна соработка со Џафери и неговата лична енергија и посветеност вложени како претседател на Собранието во унапредувањето на билатералните односи, ќе продолжи и во новата функција. Филипиду ја реафирмира грчката поддршка на евро-интеграцискиот процес на Македонија, што било и лично потврдено во писмото-честитка од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис до Џафери, при неговото стапување на функцијата претседател на Владата.