Џафери се сретна со амбасадорите на ЕУ околу изборите


 

Премиерот Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорите на државите членки на Европската унија во државата и амбасадорот на ЕУ на која најмногу се зборуваше за одржувањето на изборите.

 Според владиното соопштение Џафери им рекол на амбасадорите: „Првата јасна порака што сакам да ви ја пренесам на овој состанок е дека сум одлучен, Владата што ја предводам да одговори на законската обврска да спроведе фер и демократски изборен процес, согласно највисоките европски стандарди и практики. 

Важно е на изборите на 8 мај – и по нив, во предвидените законски рокови, да биде избран новиот претседател на државата и да биде формирана новата Влада, со полн легитимитет, за да нема застој на нашиот започнат пат“.

Премиерот истакнал дека Владата има јасен фокус кон европските интеграции и недвосмислена про-европска ориентација, што ќе значи континуитет во евроатлантските политики и на домашен и на надворешен план. Во таа насока, како претседател на Владата, ќе дава целосна поддршка на Собранието, штом се создадат неопходните услови за тоа, да бидат изгласани предложените измени на Уставот.  

Во дискусијата, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Скопје, покрај честитките за изборот на премиерот Џафери и за новиот владин состав, изразија силна поддршка за определбите на премиерот и на Владата за спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори, како и за најавениот континуитет во политиките и соработката на домашен и надворешен план, согласно европската агенда.