Џафери ќе ги соопшти датумите на седниците за оставките и за изборот на техничката влада
До недела на полноќ (28 јануари) земјава треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Џафери
Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска ќе одржи ад хок координација, на која, како што информираа од Собранието, ќе се утврдат точните датуми на седниците за оставките и за изборот на техничката влада. Потоа Џафери ќе има неформална средба со претставници на медиумите, на која, како што е најавено, ќе се разговара за тековните и идните активности на Собранието.
Активностите во Собранието, како што беше претходно најавено се следни: констатирање на оставка на претседател на Влада (Димитар Ковачевски) и претседател на Собрание (Талат Џафери), избор на нов претседател на Собрание (Јован Митрески), информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада (Талат Џафери), избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5.
До недела на полноќ (28 јануари) земјава треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Џафери. Како што најави, премиерот Димитар Ковачевски оставка ќе поднесе утре, со што во оставка ќе биде целата влада. Се очекува на средбата со новинарите Џафери да соопшти кога тој ќе поднесе оставка. ВМРО-ДПМНЕ потврди дека по Извршниот комитет на партијата вечерва ќе ги соопшти имињата на техничките министри за внатрешни работи, за труд и социјална политика и дополнителните министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Собраниски избори, претходно информираа дека на новата собраниска седница закажана за в петок, ќе бидат констатирани оставките на Ковачевски и на Џафери и дека тогаш ќе биде извршен изборот на новиот претседател на Собранието Јован Митрески од СДСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека в четврток ќе поднесе оставка, по што ќе се отворат процесите за формирање техничка влада, која треба да го овозможи спроведувањето на парламентарните избори на 8 мај.
Одговарајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата „Година на европски можности“, тој посочи дека со оставката на премиерот целата влада ќе биде во оставка. Ковачевски додаде и дека овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, туку ќе бидат избори меѓу Западот и Истокот.
Премиерот Ковачевски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ влегоа во политичка дебата за недавањето поддршка за техничката влада и можноста функциите за опозицијата да останат празни. А Ковачески денеска одговарајќи на прашањето зошто во 2016, кога беше избрана првата техничка Влада било возможно мнозинство, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја гласа со опозициските министри, тогаш од СДСМ, чии пратеници не влегоа во салата, истакна дека тогаш биле други услови.
-Тогаш вие знаете дека Собранието беше злоупотребувано од страна на власта. Вие се сеќавате при носење на буџет пратениците на СДСМ беа исфрлани од Собранието и владееја други услови. Таа пржинска влада беше воведена токму заради тоа што не постоеше демократија во државата. Инаку, денес ние имаме апсолутно владеење на демократијата, самите вие медиуми можете да потврдите за слобода со која можете да известувате што не беше случај до 2016 година кога сите вести беа нарачани, некогаш беа и распродадени па не можеше ни спортски вести да се видат кога игра репрезентација. И затоа сметам дека сега треба сите политички партии согласно закон да ја поддржат оваа влада, особено што се работи за мандатар којшто мандатар бил министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Јас ги гледам дел од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ коишто на мандатарот за техничката влада за техничкиот министер сега го условуваат со одредени епитети коишто не беа исти во времето кога беше нивни кандидат за министер за одбрана и кога го ословуваа со г. Џафери, истакна Ковачевски.
Повтори дека до недела кога треба да се изгласа техничката влада има време и нагласи дека сите вклучени во овој процес треба да бидат сериозни.
-Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи, секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри а друг да ви ги гласа. Еве, најдете ми еден пример кај што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг, рече Ковачевски во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да му даде поддршка на предложениот технички премиер, актуелен претседател на Собранието, Талат Џафери, но и во однос на тоа што опозициската партијата се уште нема предложено свои министри и заменици во преодната влада.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечер треба да одржат седница на Извршниот комитет на партијата и да ги соопштат имињата на техничките министри.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше овластен од Централниот комитет на партијата во консултација со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители, да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.
Пратеничката Дафина Стојаноска синоќа во телевизиска емисија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи имиња за техничка влада, но нема да гласа за премиер.
-Ако се држиме до законот или до принципите и ставовите ВМРО-ДПМНЕ нема да ретерира од ова што го кажа. Исто така ние и предложивме и воопшто да нема техничка влада односно ќе требаше да се случат измени на Изборниот законик, тоа не се случи и токму заради тоа почитувајќи го законот ќе предложиме наши имиња, но никаде во закон не стои обврска дека пратеници од опозицијата се задолжени да гласаат ЗА техничка влада, рече пратеничката.
Претседателот Стево Пендаровски синоќа во интервју за Алсат – М изјави дека политички преседан и некоректно е да учествуваш во Влада, а да не ја гласаш.
-Или се согласувате, или не се согласувате на техничка Влада. Можете да кажете не сакаме да даваме воопшто луѓе, но не може да го спориш предлогот кој според Законот за оваа Влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери, твое е само да кажеш учествувам, или не. Не може да го спориш како поединец, или како личност, изјави претседателот Пендаровски.
Тој изрази надеж дека ни власта ни опозицијата нема да ја комплицираат работата овие неколку дена до изборот на новата тн. пржинска Влада.
Техничката Влада се бира сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори. Подготовките и кадровското екипирање на техничката влада се во тек, и се очекува да финишираат до петок.