Џафери имаше средба со амбасадорот Гир
Премиерот Талат Џафери денеска го прими амбасадорот на Европската унија Дејвид Гир. Амбасадорот му го честиташе на Џафери неговото назначување за претседател на Владата, истакнувајќи ја поддршката од ЕУ и Делегацијата во Скопје во продолжување на соработката и поддршката на институциите во реализирањето на европската агенда на државата.
Премиерот Џафери изрази задоволство што неговата прва средба со претставник на меѓународната заедница е токму со амбасадорот на ЕУ во Македонија, што претставува јасен знак за насоката на движење на Владата во следниот период.
Премиерот истакна дека претстојните избори се од исклучителна важност за иднината на земјата, бидејќи тие ќе го одредат текот на движење и напредок во следниот период. Посебен акцент на средбата беше ставен на заедничката посветеност на Брисел и Скопје кон натамошното успешно придвижување на активностите врзани за Планот за раст за Западен Балкан, и во таа насока, амбасадорот Гир го поздрави досегашниот конструктивен пристап на Владата.
Џафери истакна дека Владата ќе продолжи со активностите за унапредување на демократијата и владеењето на правото, како и борбата против корупцијата и зацврстување на правната држава.
На средбата беа разменети и мислења за актуелни прашања од внатрешно-политичката состојба во земјата и претстојните избори.