Џафери го повика Тошковски да работи место да се правда околу пасошите

Од 1 до 29 февруари годинава во Министерството за внатрешни работи биле поднесени 124.000 барања за пасоши од кои биле изготвени 95.267


 

Од 1  до 29 февруари годинава во Министерството за внатрешни работи биле поднесени 124.000 барања за пасоши од кои биле изготвени 95.267, што е показател со каква динамика се работи на овој проблем, порача на прес-конференција техничкиот премиер Талат Џафери.

Според него во исто време биле изготвени и 71.410 лични карти, како и 39.552 возачки дозволи – се за еден месец.  Тој притоа забележа дека има уште 50 дена до изборите и дека со оваа динамика стоте илјади луѓе што се споменуваат дека немаат документ може да аплицираат и да обезбедат, но самите треба да го побараат тоа.  

„Има време секој да иницира издавање документ. Прво да им оставиме простор да го направат тоа, а потоа ќе излеземе со соодветна одлука како да постапиме. Јас не сакам да зборувам хипотетички, сакам да кажувам што работам. Ќе ве потсетам дека кога дојдов за премиер имаше проблем со училиштето во Чашка и јас не зборував како ќе го решам туку го решив. Основно е тука институцијата (МВР) да си ја врши работата, а не да се правда за несработеното. Во таа смисла беа и прашањата дали сум имал право или не да правам посети и контроли низ службите на МВР“, порача Џафери на прес-конференцијата денес.   

Во врска со протестите на пет државни универзитети, кажа дека на закажани избори не се потпишуваат колективни договори и оти протестите се користат за дневно-политички цели.

Тој појасни дека секој има право на протест и штрајк, но оти решението за оваа ситуација, ќе се бара по изборите.

Членовите на синдикатите на петте државни универзитети „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“ и „Мајка Тереза“ во Скопје во понеделникот на мирен протест побараа потпишување на колективен договор на овие универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

„Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач. Собранието ниту е политичка партија, ниту е личност. Собранието е државна институција и тоа највисок орган. Во кој било формат после изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот после избори физички нема време тоа да го прави“, рече Џафери.

Тој рече дека овие универзитети не биле дискриминирани, бидејќи немале формирано навремено синдикати.