Џафери го доби мандатот да ја формира техничката влада

Кабинетот со кој ќе раководи Талат Џафери ќе биде избран на седницата на Собранието в недела, 28 јануари


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на преодната влада која ќе функционира до изборот на новиот кабинет кој ќе се формира по парламентарните избори на 8 мај.  

Со тоа работите за формирањето на техничката влада одат мазно, без никакви проблеми, иако претходниве два месеци се создаваше непотребна политичка тензија.

По добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

„Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, рече Џафери.

Тој додаде дека се надева оти ќе креира соодветен состав на Владата со соодветни обврски, надлежности и одговорности кон граѓаните.

Собранието денеска ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на спикерот Талат Џафери, а пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието. 

Седницата за избор на преодната влада, чиј состав е веќе познат, треба да биде закажана за в недела, 28 јануари.