Џафери до Агелер: Законот за рестриктивни мерки ќе биде на следната владина седница


 

Премиерот Талат Џафери денеска ѝ соопштил на американската амбасадорка Анџела Агелер дека предлог-законот за рестриктивни мерки ќе биде разгледан на следната владина седница. Џафери рекол дека се прават дополнителни и сеопфатни консултации и поради тоа бил повлечен од собраниската процедура, соопштија од владината прес-служба.

Џафери ја истакнал посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД и нагласил дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

На средбата, премиерот и амбасадорката разговарале за потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори.

Џафери нагласил дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.

Амбасадорката Агелер му го честитала изборот на премиерот Џафери и потенцирала дека неговиот избор испраќа силна порака дека, како и во Соединетите Американски Држави, така и во Северна Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна. Амбасадорката ја истакна силната поддршка на САД на патот на Северна Македонија кон Европската унија и изрази подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат.