Џафери: Ако се укинат патните трошоци на пратениците, ќе барам укинување на службените возила на функционерите


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се закани дека ако Владата предложи укинување на патните трошоци на пратениците тој ќе излезе со контра предлог, да им се укинат сите службени возила на функционерите, па да одат на работа со тротинет.

„Очекувам да не добијам таков предлог од Владата, а поединечно не очекувам некој да се откаже од тоа право што е регулирано со Уставот“, порача Џафери околу предизборната најава дека ќе се укинат патните трошоци на пратениците.

„Ако добијам таков предлог од Владата, јас ќе поднесам предлог сите да се откажат од службените возила и да одат на работа со тротинет. Па, ќе направиме карикатура од државата. Или ќе правиме држава или ќе си поигруваме со популистички политики кои ни носат дневни поени“, се закани претседателот на Собранието Џафери.

„Јас повикувам на разум. Овие 120 пратеници се избрани од граѓаните и треба да имаат соодветен статус, а не да се прави карикатура од нив и да се преставуваат како најголемо зло“, рече Џафери.

Тој се согласи дека имало злоупотреби, но не треба тоа да се генерализира за сите пратеници и треба тие случаи да се истражуваат поединечно. (С.Ј.)