Дводневно стрип-училиште во Велес: Млади од различни етникуми творат против дискриминација
Во просториите на средношколскиот интернат „Лазар Лазаревски“ во Велес се одржа дводневното стрип училиште под наслов „Стрипот во интеркултурна едукативна мисија“. Имплементатор на овој проект е „Стрип-центарот на Македонија“ од Велес, а финансирано од страна на Министерството за култура.
„Целта на овој проект е развој на интеркултурноста, како и деметрополизацијата на културата во земјава, како едни од основните заложби на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022. Тоа се сака да се оствари преку едукативни стрип активности наменети за млади од разни етнички колективитети од Куманово, Кавадарци и Велес. Младите таленти кои се четиринаесет на број творат стрипови на разни теми, кои го засегаат секој млад човек без оглед на етникумот, но некои од подготвените стрипови задираат и во теми како што се дискриминација, човекови права и слично“, велат од Стрип-центарот.
Додаваат дека ова е логично продолжение на циклусот на вакви сродни активности кои, со финансиска поддршка од разни донатори, досега ги имаат организирано.
„Ова е прво од таков вид финансирано директно од страна на надлежното државно министерство. Постои голема потреба од организирање на разни форми на едукација на млади стрип кадри во нашата земја. Стрипот во Македонија не се изучува како посебен предмет ниту во базичното образование, ниту во средното уметничко „Лазар Личеноски“, ниту на Академија“, велат од Стрип-центарот.
Наскоро ќе следи организирање на изложби во градовите од каде што доаѓаат учесниците.