Дводневен состанок за „Специфичните потреби на децата во местата за задржување: состојби и предизвици“


Изразено чувство на страв, изолација, самодискриминација, стигматизација и обесхрабрување се јавува кај децата кои се лишени од слобода и затворени. Овие состојби неминовно доведуваат до далекусежни негативни последици по физичкото и психичкото здравје на детето и неговиот личен развој и живот во заедницата.

Ова денеска го истакна народниот правобранител Иџет Мемети на отворањето на вториот состанок на Мрежата на Националните превентивни механизми на Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје, чиј претседавач годинава е омбудсманот на Република Северна Македонија.

– Особено потресни се сведоштвата на децата со трауматски искуства од нехуманото и понижувачко постапување, сексуално вознемирување и малтретирање или трудово експлоатирање, рече Мемети.

Досегашното искуство од мониторингот, како што истакна тој, покажува дека децата се сместуваат во установи со лоши материјални услови, несоодветна здравствена грижа, ограничен пристап до образование и недостиг на можност за личен прогрес и развој на социјални вештини.

– Загрижува тоа што во нациоанлните законодавства не се предвидени соодветни процедури, ниту јасни алтернативи на лишување, кога се работи за деца што директно доведува до лишување од слобода и задржување на децата од страна на властите да се применува како нужно средство, наместо како последна мерка со ограничено времетраење, нагласи Мемети.

Тој посочи дека во континуитет ја следат состојбата со правата на децата и нивниот третман во местата на задржување и лишување од слобода и соодветно интервенираат од аспект на почитување и спроведување на нивните права.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладaрин во своето обраќање, меѓу другото напомена дека секое дете во секое време има основно право на слобода и да биде ослободено од миграциските локации за здржување.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа во оваа прилика потсети на водечкиот принцип на Конвенцијата за правата на детето, дека ниту едно дете не може да биде лишено од слобода незаконски или арбитрарно, а апсењето, притворот и затворањето на децата ќе се користат како последна мерка, ограничена на најкус можен временски период.

Осврнувајќи се на состојбата во Албанија, заменик комесарот на албанскиот народен правобранител Алфред Коџобаши, истакна дека неговата земја има највисока стапка на притвор на деца во регионот.

Во контекст на тоа тој додаде дека во 2012 година во Албанија имало 186 малолетници во притвор, што е загржувачки податок.

За надминување на ваквата состојба, како што посочи Коџобаши, Владата вовела Стратегија на правда за децата и Акциски план за периодот 2017-2020 година, со цел да се изгради систем што гарантира правда за сите деца.

Претставникот на Националниот превентивен механизми на Австрија, Питер Каснер во своето излагање нагласи дека сите малолетници треба да бидат одвоени од возрасните затвореници и да бидат задржани во специјално одделение за да немаат никаков контакт со возрасните, дури и за време на спортски активности или за време кога се надвор.

– Во специјалните одделенија за малолетници несмеат да бидат сместени повеќе од двајца малолетници во една ќелија. Тоа го покажува еден пример во затвор во Виена, каде што имало злоупотреба и мачење на најсабите помеѓу затворениците, рече Каснер и посочи дека потребни се чувари, социјални работници и психолози, кои треба да работат со овие деца.

Претставничката на бугарскиот Национален превентивен механизми, Стефанија Бетова истакна дека децата кои се во судир со законот во Бугарија се сместени во интернати.

– По спроведените инспекции во ноември и декември 2015 година Националниот превентивен механизам објави извештеј во кој препорача дека овие интернати не ги задоволуваат потребите на децата и не се во состојба да го поправат нивното однесување, има лоши матреријални услови и нездрава храна, рече Бетова и додаде дека голем проблем е и тоа што образовниот процес не се спроведува како што треба.

На дводневниот состанок учествуваат и претставници на националните превентивни механизми од Босна и Херцеговина, Романија, Грција, Косово, Србија, Словенија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора. Тие споделуваат искуствата на тема „Специфични потреби на децата во местата за задржување: состојби и предизвици“.

Настанот финансиски е поддржан од канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).