Движење ЗНАМ на Конвенција ќе ги претстави носителите на листи за парламентарните избори


Фото: Б. Грданоски

Политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, денеска во Скопје ќе одржи Конвенција на која ќе ги претстави носителите на листите за следните парламентарни избори во сите шест изборни единици. На Конвенцијата ќе се обрати и кандидатот за претседател на државата, Максим Димитиревски.

Претходно, со акламација на седницата на Извршниот, а потоа и на седницата на Централниот одбор биле утврдени носителите на листите во сите шест изборни единици за претстојните парламентарни избори.

Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.

Носител во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град, а носител на листата во Изборната единица 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки.  

Во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица, додека, во петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог. 

За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски, правник и претседател на ОО на ЗНАМ во Тетово.