Двајца браќа обвинети за убиство и за обид за убиство на подмолен начин


Фото: Б. Грданоски

 По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против двајца браќа обвинети за убиство и за обид за убиство на подмолен начин.

-Во текот на истрагата се обезбедени докази кои потврдуваат дека на 01.11.2024 година во Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла и на подмолен начин лишиле од живот едно лице и се обиделе да лишат од живот уште едно. Со двајцата оштетени – татко и син обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7.000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје – пиштол и започнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот се здобил со тешки телесни поврeди, соопшти Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, бидејќи сè уште постојат законските основи за најстрога мерка за обезбедување.