Дваесет и осумгодишна ТВ презентерка наш конзул во Њујорк


 

Владините портпароли Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција не потврдија дали Владата на затворениот дел од вчерашната седница одлучила Бесмира Ејупи (28) да биде назначена за генерален конзул во Њујорк на предлог на МНР.

-На отворената седница на Владата немаше точка со ова кадровско решение, рече портпаролот Душко Аврамовски во одговор на новинарско прашање.

Јавноста се заинтересира за именувањето на Ејупи, поради тоа што таа е позната како ТВ презентерка на вести, па медиумите од МНР и од Владата бараат одговор: Дали луѓето како Бесмира Ејупи кои ги праќаме за генерални конзули ги исполнуваат квалификациите кои се бараат од нив?

Од Владата не потврдуваат ниту дали синоќа имало затворена седница на која се донесени одлуки за испраќање на Ејупи во Њујорк, но и за пополнување други позиции во македонски дипломатско-конзуларни претставништва.

Неодамна е донесена  одлука и Петрит Муслиу да биде именуван за генерален конзул во Чикаго. Муслиу, инаку е син на аналитичарот Алберт Муслиу и неколку недели веќе е во Чикаго во македонскиот конзулат.

Според Законот за надворешни работи, за генерален конзул може да биде именувано лице кое е државјанин на РСМ; има завршено високо образование; поседува меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик: да познава втор странски јазик различен од англискиот и тоа еден од официјалните јазици на ОН или на ЕУ; да има стекнато високо дипломатско звање, во случај кога кандидатот за генерален конзул е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, односно да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи, да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност; да има соодветен безбедносен сертификат.

Законот за надворешни работи предвидува дека генералниот конзул, кој не е именуван од составот на дипломатско-конзуларните службеници во Министерството, за времетраењето на својот мандат ги остварува правата и обврските од работен однос во Министерството, согласно со одредбите од овој закон и Законот за работните односи. По завршувањето на мандатот, на генералниот конзул му престануваат сите права од работниот однос во Министерството. Начинот за проверка на исполнетоста на условите од овој член на кандидатите за генерален конзул го пропишува министерот.

Постапката за именување генерален конзул ја покренува министерот за надворешни работи, кој до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул. По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот.

Процедурата за именување генерален конзул почнува и завршува во МНР и во Владата, за разлика од постапката за испраќање амбасадори, која од Владата продолжува кај претседателот на државата, а последна инстанца е Комисијата за надворешни работи во Собранието, каде што идните амбасадори треба да ги претстават своите платформи пред заминување во мисија.