Два света во два чамци на Блед

На Блед политиката премина една пристојна граница – Еди Рама го молеше Румен Радев Софија да ја крене блокадата. Сега веќе јасно се поставува прашањето – дали ЕУ воопшто сака регионов да биде дел од европското семејство


Политиката никогаш не престанува да изненадува, дури и тогаш кога работите изгледаат банални. Дебатата на Стратешкиот форум на Блед, Словенија, во голема мерка покажа дека иднината на Западен Балкан во Европската унија изгледа дека сѐ повеќе и повеќе се сведува на – зборови, зборови, зборови. И токму таму е изненадувањето на баналноста.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на форумот кажа една дури изветвена работа – дека ентузијазмот во регионот за влез во Европската унија е сериозно намален, затоа што Унијата испорачува многу помалку од она што го направиле повеќето од земјите. Баналноста не е во познатите работи што ги кажува Вучиќ, туку во зачуденоста на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли. Тој изрази „загриженост“ поради изјавата на Вучиќ за намалениот ентузијазам, па ги повтори старите фрази дека Западен Балкан е дел од историјата на Европската унија, со чии членки дели заеднички идентитет. Да, дели, заеднички идентитет, но не дели заедничка маса. Дури не е ни во истата одаја со нив.

Во истиот бриселско-бирократски фон, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека иднината на Европската унија била незамислива без земјите на Западен Балкан. И колку што била важна ЕУ за регионот, толку бил важен Западен Балкан за Унијата. Уште едни флоскули. Едно време изгледаше незамисливо Британија да си замине од ЕУ, но се случи. Така што многу е замислива иднината на ЕУ без шесте земји од регионот. И тоа во исто време кога од нив се бара да ги поддржат надворешно-политичките одлуки на Брисел кон Русија и Турција, на пример.

Можеби хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е во право кога на форумот изјави дека неговата земја е за проширување на ЕУ, но дека некои членки на Унијата се алергични на какво било споменување на тој процес. И тие наоѓаат добро засолниште во блокадата на Бугарија.

Надвор од срдечните насмевки и поздравувања и на Блед се покажа дека балканскиот е европскиот свет се во два различни чамци и тоа најпластично го илустрира албанскиот премиер Еди Рама кога побара од бугарскиот претседател Румен Радев Софија да го отвори патот за разговори. „Дозволете ни да преговараме со нив, а потоа можете да бидете Балканци и да бидете цело време на патот и да кажете не – ние блокираме овде, блокираме таму, но, ве молам прво отворете го патот“, му се обрати Рама директно на Радев.

Исполнувањето на прецизните обврски зададени од ЕУ сега преминаа во молби на апликантите за кои Унијата веќе има донесено одлука дека треба да почнат преговори. Тоа веќе ја преминува границата на политиката и се сместува во графата на деградација на соседите. Радев, пак, на бугарската јавност ѝ се обрати со едни познати балкански слогани – дека притисокот врз Бугарија ќе се засилувал и затоа требало да има редовна влада која јасно јасно ќе им ја претставела националната позиција на европските партнери, за да не биде земјата изолирана како што била последните години. Па уште ќе дополни дека резолуцијата во македонскиот парламент ги бетониртала црвените линии на Скопје околу јазикот и идентитетот. А декларацијата на бугарскиот парламент да ти била нешто сосем нормално и политички исправно. И дека немало позаинтересирана држава од Бугарија која сакал Македонија да влезе во ЕУ. Тоа е вистинската баналност на изјавите – да го тврдиш тоа за кое е прашање дали вистински веруваш.

Слична реторика имаше на Преспанскиот форум ова лето во Охрид. И таму сите зборуваа дека е целосно неоправдано ова закочување на европската перспектива на Западен Балкан (се разбира, значајна вина имаат и самите земји од регионот). Веројатно така ќе биде и на самитот за Западен Балкан во октомври во Словенија. Како што беше на самитот на ЕУ за регионот во Софија. Оттогаш ништо позитивно не се промени, туку само се влоши. Македонија и Грција го склучија Преспанскиот договор да стават крај на еден децениски спор, а потоа неочекувано се вклучи Бугарија со барања за историјата со кои не ја закочи само Македонија, туку и Албанија. Сега работата изгледа полоша отколку што беше пред самитот во Софија, благодарение на „бугарските пријатели“ и европската незаинтересираност.

Колку уште пати ќе го слушнеме она што го кажа словенечкиот претседател Борут Пахор на Блед: „Македонија направи сѐ за нејзината европерспектива, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку“. Како и оценките дека кредибилитетот на ЕУ е сериозно нарушен. Не гледаме дека некој посебно е загрижен (освен на зборови) дека кредибилитетот на ЕУ во регионот е нарушен. Погледнете го само случајот со вакцините. Регионот беше исклучен од заедничкиот план на ЕУ за вакцинација, па откако земјите сами почнаа да се снаоѓаат за набавка на вакцини (меѓу нив и руски и кинески) за да се имунизираат, сега ЕУ не ги признава како сертификат за патување. Во меѓувреме стигнаа и дози од ЕУ за регионот, но тоа беше и премалку и предоцна. Токму во пандемијата кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан беше најмногу нарушен. А од Брисел и тогаш најмногу стигнуваа само зборови.

Сега регионот ќе ја чека Ангела Меркел на проштална средба во Тирана на 14 септември. Меркел на последни виѓавања пред да си замине од функцијата канцелар веќе беше во Вашингтон, Москва, Киев. Сега ќе дојде на средба со регионалните премиери да стави уште една тула во нејзиното наследство – Берлинскиот процес. А тој, без оглед на придобивките, не е ЕУ, туку е некакво држење во минимална кондиција на земјите кои се кандидати за членство или преговараат без да бидат сигурни дека некогаш и ќе седнат на европската маса.