Дури 39 полицајци погрешно постапиле по пријавите за насилство против Стојанче Јовановски – утврди внатрешната контрола во МВР
Вкупно 39 припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство кои досега биле поднесени против Стојанче Јовановски – сопругот на Ивана од Скопје која на почетокот на март годинава почина по пад од балкон со нивната шестгодишна ќерка Катја.
Пропустите на полициските службеници се утврдени од страна на внатрешната контрола при МВР.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, соопштија денеска од МВР.
Во меѓувреме, од ОЈО ГОКК информираа дека известувањето од МВР е доставено до Обвинителството во текот на вчерашниот ден, а ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
По трагичниот настан на 2 март, кога Ивана и нејзината ќерка Катја починаа по пад од балкон, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција рече дека во текот на минатата и на почетокот на оваа година, во МВР биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците. Според министерот, полицијата постапувала по секоја пријава, но во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената Ивана, со што таа се откажувала од водење понатамошни постапки.