Дури 35 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се на листите за годинешните избори
Од шестемина кои не се најдоа на листите најзвучни имиња се Игор Јанушев и Ане Лашкоска. Гордана Силјановска-Давкова е кандидат за претседател
Раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на парламентарните избори да оди се речиси целиот досегашен парламентарен состав. Партискиот лидер Христијан Мицкоски очигледно има доверба во оние што ја претставуваа партијата изминативе четири години во Собранието. Особено поради тоа што пратеничката група остана компактна околу противењето за донесување на уставните измени и внесувањето на Бугарите.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието што си заминува брои 44 членови. Од нив тројца пратеници се од две партии на коалицијата, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ има 41 пратеници. Во предлогот што го усвоија партиските органи од тие 41 дури 35 ќе се најдат повторно на листите за пратеници.
Ако ја исклучиме Гордана Силјановска-Давкова, која формално не е член на ВМРО-ДПМНЕ и која годинава е пак кандидат за претседател, само петмина од вмровските пратеници годинава не се најдоа на списоците.
Најзвучно име од нив е поранешниот генерален секретар Игор Јанушев (тој и самиот неодамна најави дека нема да биде на листите). Потоа ја нема и Ане Лашкоска од Прилеп, која беше пратеничка во неколку мандати. Другите тројца кои ја изгубија „милоста“ на раководството се Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов и Мирче Аџиоски.
Не значи дека сите овие 35 кандидати кои се на листите ќе станат и пратеници. Најголемиот дел од нив се во горниот дел, меѓу првите десетмина, но има и такви коишто се подолу, без можност повторно да станат пратеници.
Интересно е што во Третата и Четвртата изборна единица речиси сите добитни позиции ги држат досегашни пратеници. Во Тројката (каде носител е Драган Ковачки) на првите девет места, вклучувајќи еден засега непознат кандидат на коалицијата, сите се досегашни пратеници. Во Четворката (носител е Александар Николоски) меѓу првите осум души има само едно ново име – Дејан Проданоски. Во Петката има две нови имиња во првите шест – Сашо Донев и Пеце Милевски, а во Шестката сигурните две пратенички места се за досегашните пратеници Дафина Стојаноска и Александар Велјановски.
Во Двојката на првите две места се досегашните пратеници Владо Мисајловски и Жаклина Пешевска, а единствената голема промена е во Првата изборна единица каде на првото и второто место се претседателот и потпретседателот на партијата, Христијан Мицкоски и Гордана Димитриеска-Кочоска.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и успее да формира влада, тогаш некои од кандидатите што се подолу на листите ќе имаат шанса да влезат во парламентот, ако некои од погорните пратеници влезат во новиот кабинет. Како Иванка Василевска во Првата изборна единица, која е на десеттото место. Некои, пак, немаат никаква шанса, Како Јадранка Поцкoва која е на местото број 16 во Четворката. (Н.В.)