ДУП-от за Буњаковец пред Уставен суд – Шанса за Центар против „наполитанките“


Граѓанската иницијатива Шанса за Центар и адвокатката Сузана Јошевска од Скопје на 14 јули поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување што ќе нанесе штета на јавниот интерес.

Според законот за урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови треба да бидат во согласност со генералните урбанистички планови, а тоа не е случај со планот за Буњаковец.

Генералниот урбанистички план има за цел да обезбеди хумани услови за живеење и работа на граѓаните, со почитување на стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, со рационално користење на просторот, заштита на животната средина и одржлив развој.

Планот за Буњаковец, спротивно, предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП-от за Буњаковец се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа, Шанса за Центар и адвокатката Јошевска бараат од Уставниот суд да го стави вон сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина.

Да ја потсетиме јавноста дека овој план предвидува изградба на нови објекти на подрачјето на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т.н. „наполитанки„ предвидени со планот против кој застана и самата општина и подготви елаборат за суспензија. Претходното раководство на општината се обиде со институционани механизми како мораториумот и суспензијата да го стопира реализирањето на овој план, а со поддршка на еминентни професионалци од областа се направи урбанистички конкурс за уредување на овој значаен простор.

– Но промената на власта во Центар, и доаѓањето на градоначалникот Горан Герасимовски ги запре и прекина сите заложби за похумано уредување на овој простор и отвори простор за инвеститорско – профитерските спреги да се стават над јавниот интерес – велат од Шанса за Центар.

Донесениот ДУП за локацијата кај „Треска“ е изработен од „Ин-пума“, по нарачка на едно од претходните раководства во оваа локална самоуправа, во 2012 година. Решението беше – на земјиште на поранешната фабрика да „никнат“ 30 нови згради,

Тој план беше дел од групата детални урбанистички планови кои Општината Центар ги стопираше на крајот на 2017 година. Според локалната власт, стопираните детални урбанистички планови не беа во согласност со Генералниот план на градот и/или беа во спротивност со други закони кои ја уредуваат материјата на планирањето на просторот. Конкретно за „Треска“, Општината се обидува „ослободениот простор“ да биде планиран за зеленило или за други јавни намени.

Апсурдот во случајот со „Треска“ е што меѓу сопствениците на планерската компанија „Ин-пума“ е градежната компанија „Ремис“ од Охрид, пишуваа своевремено медиумите.

Објектите во поранешна „Треска“ неколкупати беа зафажани од пожар, а тоа секогаш беше аларм за јавноста, дека се спрема некој да гради.  По пожарите, дел од објектите ги расчистија приватниците, а дел општината. некои од покривите беа азбестни, па за нивно отстранување беше потребна посебна процедура. Последните денови, на социјалните мрежи се појавија фотографии од жители од околните згради, кои покажуваат дека интензивно се уриват и последните објекти и се расчистува теренот, по што би требало да почне со изградба на нови објекти. 

Според актуелната состојба, и покрај настојувањата на општината со претходниот градоначалник, да се издвои оваа локација од целокупниот ДУП за Буњаковиец, Град Скопје не го дозволи тоа, па актуелен ДУП за „Треска“ уште е оној од 2012 година, кој предвидува изградба на „наполитанки“.  Инаку, државата е сопственик на нешто повеќе од 50 отсто од земјиштето, а другото припаѓа на приватни сопственици.