ДУИ се сомнева дека албанската опозиција нема да ги прифати резултатите ако изгуби на изборите
Албанската опозиција, координирана со ВМРО-ДПМНЕ и Левица на Димитар Апасиев, ги плаши Албанците обвинувајќи ја Демократската унија за интеграција дека е подготвена да предизвика политичка криза, реагираат од ДУИ.
„Исти обвинувања и ширење на дезинформации слушаме секојдневно од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините деривати. Свесна за големиот пораз од Демократската унија за интеграција, се сомневаме дека коалицијата “ДА за Европа, НЕ за Русија“ , составена од деривати на ВМРО-ДПМНЕ подготвила сценарио во служба на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, за да не го прифатат изборниот резултат и со тоа да предизвикаат дестабилизација и конфузија во јавноста, а во служба на Русија“, велат од оваа партија.
Во оваа насока, како што додаваат, беа и претходните изјави дека “опозицијата ќе ги бојкотира изборите“, за денеска да обвинуваат дека “ДУИ подготвува дестабилизација“.Според партијата на Ахмети, и покрај напорите на опозицијата, јавноста знае дека кога ДУИ организираше избори во овие 23 години, тие беа слободни, демократски и меѓународно прифатени.
Апелираат до граѓаните да не станат жртва на, како што велат, лажни вести и на специјалната војна која поттикнува говор на омраза, го загрозува евроинтегративниот пат на земјата и помага на дестабилизирачките руски политики во земјата. Потенцираат: „Република Северна Македонија има јасна иднина – а тоа е целосната интеграција во Европската Унија“.
Реакцијата од ДУИ доаѓа откако од Коалицијата „Вреди“ беа изнесени информации дека ДУИ е подготвена да предизвика политичка криза.