ДУИ против Пендаровски: Образложението е „приказна за мали деца“


Фото: Б. Грданоски

 

Незадоволна е Демократската унија за интеграција од одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Законот за игри на среќа. ДУИ вели дека одлуката била „за „жалење“. А образложението на Пендаровски за ваквиот потег – препораката од ЕУ дека тој закон не може да се носи со „европско знаменце“ – била „приказна за мали деца“. ДУИ уште наведува дека не се предавале во оваа битка за тргање на казината и обложувалниците на најмалку 500 метри од училиштата.

Еве ја реакцијата на ДУИ:

„Одлуката на Пендаровски е за жалење. Опозицијата две години по ред го блокираше законот за одалечување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца. Сите ги знаеме нивните мотиви.

По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа законот, кој го поздравија сите граѓани, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите останати, а посебно мајките со пораки “ни ги спасивте децата”, како и здруженијата против коцкање.

Довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и целата оваа битка за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата, Пендаровски ја фрли во корпата за отпадоци, ја одбра страната на обложувалниците и казината.

Образложението дека европското знаменце била ‘злоупотребено’ за усвојување на законот е приказна за мали деца, замислете немале забелеши за содржината туку за процедурата.

Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците“.