ДУИ одлучи Талат Џафери да биде технички премиер од 28 јануари


Фото: Б. Грданоски

 

Шпекулациите се потврдија: Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во партиското седиште одлучило актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде технички премиер од 28 јануари во пресрет на изборите напролет.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на својот Фејсбук-профил ги објави и другите одлуки од состанокот на партиското Претседателство во Мала Речица во врска со учеството на ДУИ на претседателските и парламентарните избори во 2024 година. 

„Фатмир Бесими е избран за шеф на Централниот изборен штаб за изборите 2024. Се овластува претседателот на партијата да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори“, објави Османи на Фејсбук.

Според она што се зборуваше, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, треба да биде спикер на македонскиот парламент во времето додека трае техничката влада и за време на изборите. 

Џафери се заблагодари на номинацијата од ДУИ да биде премиер на техничката влада. Тој вели дека ќе ја извршува функцијата со почит и одговорност.

„Ми претставува особена чест за доделената доверба од партиските органи и секако можам да кажам дека и оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна како одговор од поддршката искажана од партиските органи, а пред сè од граѓаните на Република Северна Македонија“, изјави во петокот вечерта Талата Џафери.

Инаку, вчера, во одделни интервјуа, и Османи и премиерот Димитар Ковачевски, велеа дека уште ништо не се знае.

Талат Џафери е еден од најдоверливите соработници на Али Ахмети. Тој порано беше и министер за одбрана.