ДУИ ги потврди носителите на листите за пратеници


Генералниот совет на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во Тетово ги утврди носителите на листите за шесте изборни единици. Во единицата, носител на листата е актуелниот градоначалник на Општината Сарај и поранешен член на „Огнената група“, Блерим Беџети, во изборната единица два носител е поранешниот градоначалник на Липково Садула Дураку, кој воедно во два наврати беше министер – еднаш за земјоделство во периодот од 2004 до 2006 година, и за животна средина од 2017 до 2019 година.Во третата изборна единица, носител е Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, а во четвртата, носител е Енвер Хусеин од Демократската партија на Турците на Македонија.

Во петтата изборна единица, прв на избирачкото ливче ќе биде Зијадин Села од Алијанса за Албанците, поранешен градоначалник на Струга и главен ривал на ДУИ од претходните парламентарни избори. Во шестата изборна единица, очекувано, носител на листата е претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

 

Коалицијата „Европски фронт“ во која покрај ДУИ, учестуваат и ДПА на Мендух Тачи, крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турците на Македонија, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија Унијата на Ромите се обврзаа дека главните начела на нивната заедничка програма ќе бидат носење на уставните измени, евроинтеграцијата, добрососедството, бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција, економскиот рамковен договор.

Дополнително, денеска Генералното собрание на ДУИ едногласно го поддржа формирањето на „Европскиот фронт“ и заедничката кандидатура за претседател на Бујар Османи.

Османи при презентацијата ги наведе трите основни принципи на програмата од кои произлегуваат 10-те ветувања. Основните столбови се компасот на геостратешката ориентација на земјата, врзивното ткиво на етничките и политичките наративи, како и улогата креатор на државниот консензус.